Група граѓани од Охрид денеска на Градскиот плоштад го одржаа третиот протест организиран од Граѓанската иницијатива „Македонија пред се“.
Тие на тој начин изразуваат противење на злоупотребата на државните институции од страна на власта, а на штета на македонскиот народ и држава. Нивните барањата се повлекување, како што велат, на насилно донесениот Закон за јазици, поништување на т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, неменување на уставното име на Република Македонија и ослободување на сите притворени и осудени поради настаните во Собранието од април минатата година.
Во рамки на протестот беше промовирана книгата „Име од светлина и рани“ на македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар Ефтим Клетников.
- Наша најважна задача е одбрана на името. Книгата „Име од светлина и рани“ во целина ја опишува можеби најтрагичната ситуација во која се наоѓа земјата денес. Во моментов се реализира еден геноциден план врз Македонија и Македонците сами да се избришат од картата на светот, рече Клетников.
Тој ја повика актуелната власт дека работи да го продаде името, со што се брише целокупната македонска меморија, бидејќи доколку го смениме името нема да можеме историски да се вратиме ниту на АСНОМ, а камоли кон Илинден, Климент и Наум, античка Македонија.
- Европејците ни ја префрлија топката на наш терен, да извршиме самоубиство, а тие да си ги испереат рацете од било каква вина, истакна Клетников.