Од берба на печурките смрчки можат да се заработат и по стотици евра дневно. Природата ни дава многу, човек треба само да не е мрзелив и да сака да заработува некој денар плус во џебот, деновиве за МИА изјавија нивните берачи.

Со часови пребаруваат наоколу за да најдат печурка плус, заборавајќи на заморот од долгото пешачење. Велат уживаат во околината, се рекреираат, а можат и да го зголемат својот семеен буџет. Но, најчесто ги бараат смрчките за свое лично задоволство, да ги консумираат со своето семејство, роднини, другари, пријатели. Затоа што, како што нагласија, нема повкусна печурка, а и никако не може да се згреши при бербата, бидејќи нема отровен двојник. Задоволството кај многумина од моите соговорници беше големо, бидејќи годинава имало толку многу од оваа атрактивна печурка, колку што немало во последните петнаесетина години. Затоа и бербата беше масовна.

За Атанас Стамаџиев од Кавадарци ми кажаа дека бере тревки и печурки, но откупува и печурки од други. Видно расположен по бербата во месноста Мушов гроб, рече дека навистина се набрале многу смрчки оваа пролет во Тиквешко, најмногу по напуштените стари лозја. Ги има неколку врсти во овој регион, а цената, зависно од квалитетот, се движи од триста до седумстотини денари по килограм. Многу од смрчките завршиле во тавите на тиквешани, но дел од нив по откупот ги продал на радовишка фирма откупувач, која потоа замрзнати ги пласира во Италија.

-Навистина многу се вкусни. Сите видови се разликуваат по својот квалитет. Нормално, најскапите се и најквалитетни. Јас лично само ги обарувам па пржам, ништо друго не им додавам кога ги приготвувам. Прсти да излижеш, нагласи тој, додавајќи дека има добра заработувачка, ако човек точно знае каде да ги бара, затоа што не секаде ги има. Покрај во стари и напуштени лозја, најчесто растат и во стари и напуштени овоштарници со сливи или јаболки. Една од сортите исто така многу можела да се најде таму каде што имало и брест.

Перо Бошков го сретнав надвор од градот Кавадарци. Додека планинарев со планинарите од спортско планинарското друштво “Орле” од Кавадарци, наидов на него и на уште еден негов пријател, како берат смрчки. Имаа по некоја во ќесите кои ги носеа, а рекоа дека ги бараат за јадење, за дегустација заедно со најблиските.

И Бошков пријателски расположен, рече дека смрчки бере десетина години наназад.

-Берењето смрчки ни е како традиција која се пренесува од родител на син, за нив научив од мојот татко. Многу се вкусни за мезе. Јас ги берам, а сопругата ги приготвува. А за јадење, сите ги јадиме. Со масло, кромитче, лукче, винце му ставаме, сос малку од патлиџани, откри тој.

За планинарот Митко Василев од Неготино, секое наоѓање смрчки во пролет, е празник за вкусот и душата. Ги мезат набраните печурки во друштво, со тиквешки вино и ж`та.

-Со задоволство ги барам смрчките. Интересно е, како Покемон да бараш. Возбудливо. Исклучиво за своја душа и блиски. А оваа година е како никогаш до сега. Скоро цел живот немам набрано толку, колку сега. И скоро се оди во замрзнувачот, па ќе има доволно мезе во наредниот период, рече Василев.

И планинарот Славе Петровиќ од неготинско Тремник ми кажа дека нема повкусно нешто од смрчка. Ги бере со години, а кога бербата е скромна, тогаш љубоморно се дегустира само со најблиските. Инаку, може да се направи и фешта со љубители на оваа габа, како што тиквешани велат за печурка.

-Знаеме да се пофалиме со добра берба како ловџиите или рибарите после улов или риболов. Смрчките се прекрасни и на изглед, а за вкус незаменливи. Кој еднаш пробал, го памети тој извонреден вкус и сака пак, категоричен беше Петровиќ, нагласувајќи дека тие што берат смрчки во Македонија за да заработат, берат и по големи количини и заработуваат и по неколку стотици евра.

Планинарот Фено Наков од Неготино пак, кој исто така долги години бере смрчки за своја душа, кажа дека многумина од берачите веруваат дека оваа печурка има и својство на афродизијак.

-Но тоа на крајот на краиштата и не е најважното нешто, најважно е што многу често бербата, но и мезењето се одвива во добро друштво.

Тоа ги прави тие моменти незаборавни, а на пролетта и дава уште една позитивна особина за да биде посакувана од нас, љубителите на природата, додаде Наков.

Сите со кои разговарав беа позитивно и пријателски расположени и со најпофални зборови зборуваа за смрчката, за која слободно може да се каже дека деновиве е атракција број еден во Тиквешијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2018 13:01