Поради зголемениот дотек на вода од реките Радика, Гарска Река и Црн Дрим, но и од другите локални притоки, акумулацијата „Дебарско Езеро“ е преполна и веќе се прелева преку преливната шахта. Тоа значи дека е надмината максималната кота од 580 метри.

Преку преливната шахта се прелеваат најмалку по седум метри кубни во секунда.

- Високите температури кои условуваат топење на снегот во планинските предели, прдонесоа зголемен дотек, кој во просек изнесува над 180 метри кубни вода во секунда, со тенденција на зголемување. Како резултат на многу поволната хидрологија ХЕ„Шпилје“ работи под полн капацитет и до сега, потврдуваат од ЕЛЕМ.

Според нивите проценки, во акумулацијата има резерва на вода за производство над 44 милиони киловат часови електрична енергија, а ХЕЦ „Шпилје“, која работи според потребите на системот дневно произведува по 1,95 милиони киловат часови.

Навреме извршените планирани ремонти и ревизии на електромашинската опрема се гаранција истата да може да прими и преработи 105 метри кубни вода во секунда или околу два милони киловат часови.

Инаку, трите турбини на ХЕ „Шпиље“ од почетокот на годнава произвеле над 147 милиони киловат часови електрична енергија ,што претставува 61,5 отсто од усвоениот електроенергетски бланс за годнава.

И покрај преполната акумулација и надојдените реки, како што потврдуваат од дебарската Дирекција за заштита и спасување, во дебарскиот регион опасност од поплави нема, поради конфигурацијата на теренот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2018 17:05