Неформалната група „Правда за Алмир“ денеска повторно протестираше поради случајот со загинувањето на 4-годишниот Алмир Алиу минатата година, јави „Порталб“. Протестот се одржа пред Собранието додека внатре пред пратениците се обрати високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини.

Според еден од организаторите на протестот, актерот Висар Вишка, целта на собирањето била да се покаже на Могерини дека „правдата во Македонија е мртва“. Вишка нагласи дека во извештајот за Македонија што Европската Комисија го објави завчера, се порачува оти треба да се преземат мерки за унапредување на правосудството. Тој порача и дека случајот на Алмир Алиу не е наследен од претходната влада, туку е одговорност на сегашната.

– Побаравме Могерини да ги праша Хан и ЕУ дали е ова правдата со којашто Европа се гордее, дали оваа правда треба да добие позитивна оценка од ЕК, кога знаеме дека се обидуваат да ни ја продадат како кристално чиста иако во нивниот извештај се вели дека треба уште работа во правосудството – рече Вишка.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2018 14:08