Природните непогоди и катастрофи редовно го потсетуваат човекот за неговата ранливост и зависност од природата. Брзата урбанизација на просторот во кој живееме и недостатоците многу често ги согледуваме низ трагичните последици при екстремни поплави или земјотреси. Во изминатите неколку години повеќе региони од Македонија беа зафатени од поплави. Големината на штетите и загубите открија големи недостатоци во сите компоненти на целокупниот систем за управување со поплавите.
Тешките поплави што го погодија поголемиот дел од земјата во јануари и февруари 2015 година предизвикаа голема штета и економски загуби во 44 општини. Најзагрозени беа подрачјата на реките Црна Река, Брегалница и Струмица, кои покриваат околу 45 проценти од територијата на земјата. Околу 170.000 луѓе беа погодени од поплавите во тие делови од земјата. Поплавите предизвикаа големи штети на инфраструктурата, домаќинствата, индустриските објекти во приватниот сектор, училиштата и јавните објекти. Вкупните штети од поплавите во 2015 година во овој дел од земјата беа проценети на повеќе од 35,7 милиони евра.
Многу скоро по тие поплави, на 6-7 август 2016 година, тежок пороен дожд предизвика поплави во предградијата на Скопје, предизвикувајќи трагична загуба од над 20 човечки животи и проценета штета од над 30 милиони евра поради сериозно оштетената инфраструктура и земјоделското земјиште.
Полошкиот регион со највисок ризик од поплави
Северозападниот регион (Полог) има највисок ризик од поплави во Македонија. На 3 август 2015 година, по поројните дождови што траеа помалку од два часа, регионот беше погоден од комбинација од поплави и лизгање на земјиштето што предизвика шест смртни случаи и штета од околу 21,5 милиони американски долари.
Полошкиот регион се наоѓа во зона со највисок ризик од поплави, одрони и свлечишта во државата. Особено ранлив е градот Тетово, од излевање на реката Пена. Студиите изработени со поддршка на УНДП утврдија дека последиците од поплавите се резултат на комбинација на недоволни структурни мерки (инфраструктура) и недоволен капацитет на надлежните институции. Врз основа на студиите и плановите изработени со поддршка на УНДП започна особено важен процес на мобилизирање на средства за реализација на клучните потребни инвестиции.
Проектот „Подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион“, финансиран од страна на Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC) и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања (SECO), имплементиран од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) има за цел надминување на поголем дел од овие проблеми, но и обезбедувањето на средства од други извори во развојот и реализацијата на многу поголема програма за намалување на ризикот од поплави во Тетово.
Полошкиот регион ќе се брани од поплави со швајцарски искуства
Швајцарски експерти за справување со ризици од поплави ќе и помогнат на Македонија да изгради стратегија и изнајде најсоодветни мерки за справување со поплавите и ризиците од катастрофи, во рамки на четиригодипниот проект.
Проектот „Подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион“ ќе се спроведува во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, општините и Центарот за развој на Полог, Управата за хидрометеоролошки работи, агенциите одговорни за постапување при катастрофи, Управата за водостопанство и засегнатите заедници.
Регионалниот советник за инфраструктура и животна средина при Швајцарската амбасада Клиф Хамер, очекува проектот да овозможи промени во начинот на менаџирање на ризик.
- Очигледно е дека Полошкиот регион е зафатен од поплави во минатото повеќе пати и не само што зема човечки жртви, туку и економски загуби. Тоа ја враќа економијата на тој регион наназад со неколку години. Ова е сега обид да се стабилизира и да се осигура дека може да се равива и инвестира во региони кои се под ризик од непогоди, а намалувањето на ризикот од поплави е клучен елемент за зголемување и раст на државата, посочува Хамер.
Според Хамер, ова е пилот проект во Македонија на Швајцарската Амбасада и очекува дека тоа искуство ќе биде препознаено и пренесени и во други делови и региони од државата.
- Ние сме ограничени со нашите финансии и можности и ова е начин на кој се обидуваме да поставиме примери што ќе служат или на државата или на некои други донори за реплицирање на овие искуства низ повеќе делови на државата, истакнува Хамер.
Посочува дека интервенцијата во Полог не е единстевниот и изолиран проект што го прави Амбасадата на Швајцарија и дека паралелно со овој проект веќе работат и на менаџментиот со цврстиот отпад во целиот Полошки регион.
Нема природни катастрофи, туку сите катастрофи имаат силна човечка компонента
Швајцарскиот експерт за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи Маркус Цимерман, нагласува дека непогодите се природни, катастрофите се човечки.
- Нема природни катастрофи, туку сите катастрофи имаат силна човечка компонента. Без разлика дали тоа подразбира дека населението на тие локации има погрешно однесување или погрешен развој, што придонесува за зголемување на ризикот од поплави, што постепено води кон катастрофи. Има различни чинители и има различни улоги, смета Цимерман.
Нагласува дека проектот, не користи само метод на „бетон“ и мерки за стабилизирање на речни корита, брани и насипи, туку содржи и компонента на планирање, каде преку мерки ќе се превенира и спречи создавање на нови ризици.
- Идеата на проектот е да се адресираат овие ризици преку еден итегриран пристап и да се користат методи за планирање и пристап што вклучува еколошка и човечка свест и се темели на предвремени предупредувања за справување со овие ризици. На крајот ќе имаме сет од мерки што ќе бидат преземени во една или повеќе локации и имплементирани заедно со населението, општината и националните власти, вели Цимерман.
Посочува дека главена цел на било кој проект за намалување на опасноста од поплави треба да биде спречување и создавање на нови ризици.
- Тоа е нешто што во фаза на планирање во основа е евтино да се направи, доколку имаме добро информиран град за потенцијалните ризици. Тоа е една од функциите на проектот, да ги направиме сензитивни градските планери, нагласува Цимерман.
Проектот треба да обезбеди одржлив модел на управување со кризи за Полог
Со реализација на проектот треба да се подобри подготвеноста и да се зајакнат капацитетите на институциите за заштита од поплави. Предвидено е градење на стратегиски важна инфраструктура, воспоставување на системи за навремено предупредување и алармирање, како и одржлив урбанистички и економски развој во општините од овој регион.
Проектот до 2021 година треба да обезбеди широко познавање на ризикот од и причините за поплави во регионот, треба да придонесе кон подобро познавање на ризикот од поплави, на причините и соодветните одговори од страна на институциите во случај на поплави, да го подобри управувањето и зајакне капацитетот на институциите во делот на предупредување на населението и воведување на систем за јавно-алармирање како и да придонесе кон намалување на негативните последици од идните поплави во областите со висок ризик преку поправка или изградба на инфраструктура за контрола на поплави во согласност со современите пристапи и техники.
Александар Атанасов