Преку 150 љубители на природата и совесни граѓани денеска учествуваа во акцијата за чистење на езерото Козјак од пластика, одржана во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на планетата земја, кој годинава се одбележува под мотото „Да се запре загадувањето од пластика“.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадул, рече дека на денешната акција која е во организација на МЗЖСПП, Здружението „Гоу Грин“ и фондацијата „ЦНВП Македонија“, се собира отпад кој е создаден од луѓето.

- Апелирам за сеопфатна акција на сите. Доколку сакаме да ставиме крај на пластиката како отпад, тоа да го направиме уште дома, да го селектирам во посебни контејнери, како и да се едуцираат децата уште во градинките и училиштата, рече Макрадули.

Потеницраше дека е жалосно ваквата природа да биде изгнасена од човечката несовесност и најави дека МЗЖСПП, со дополнителни мерки со измените на Законот за отпад ќе се приклучи во акцијата за поефикасно справување со пластиката.

Како една од мерките за чистење на езерото Козјак Макрадули, рече дека со градоначалникот на Македонски Брод Живко Силјаноски се договориле да постават мрежа која ќе има фунмкција да ги собира сите пластики од езерото, а доколку се покаже успешна мерката ќе се спроведе и на реката Вардар, кај Зелениково.

Амабасадорот на Словачка во Македонија Хенри Маркуш рече дека Македонија е прекрасна земја, но дека денеска ја видел и другата страна на сликата и поради тоа се приклучил во акцијата за чистење на езерото.

Тој апелираше до сите граѓани на Македонија да преземат мерки за почиста околина, бидејќи смета дека ситуацијата е ургентна и дека граѓаните треба да не ги фрлаат пластиките во реките, туку да се обидат да го соберат целиот отпад.

Акцијата се одржа во близина на туристичката населба Близанско, на едно од најголемите вештачки езера во Македонија, Козјак, кое е изградено во 2004 година. Езерото е долго 32 километри, широко до 400 метри и на места длабоко до 130 метри. На брегот на езерото има голем број туристички населби и често е посетено од рибари, кои според мештаните се едни од најголемите загадувачи на езерото.

Во акцијата учествуваа и Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, „Јасен“, Агенцијата за млади и спорт, Асоцијацијата на колективни постапувачи со отпад, Нуркачкиот клуб „Врело“, Црвениот крст, ЕЛЕМ и други граѓански здруженија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2018 21:30