Со засадување дрворед од 42 висококвалитетни садници јавор покрај булеварот „8 Септември“ и 20 садници бреза во средишната жардиниера на булеварот, Град Скопје денеска ја заврши пролетната акција за зазеленување на Скопје.

Пролетва, како што кажа градоначалникот Петре Шилегов, заедно со општините се насадени над 4.000 садници висококвалитетни литопадни дрвја, а есенва се планира садење на уште 8.000 садници со што Градот ќе ја заврши годината со над 10.000 садници, а заедно со општините се очекува да се доближи до бројката од околу 20.000 садници.

- Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на новата градска администрација. Садевме во сите општини со цел граѓаните во рамки на проектот дрво за секое дете да можат да си ја одберат локацијата на нивното семејно дрво во градот, изјави Шилегов по засадувањето на садниците.

Тој посочи дека влогот во животна средина влијае на здравјето на граѓаните.

- Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме изгубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше со цел да добие стан и маркица повеќе. Ние се бориме за секој сантиметар ново зеленило, рече Шилегов.

Во таа насока градот излегува на садење садници на јавни површини и, како што кажа денес, посадиле 40 садници во Домот во центарот за рехабилитација во Капиштец.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2018 09:33