Жителите на општина Карпош од четврток ќе можат да аплицираат на јавниот оглас за субвенции за купување нови велосипеди. Локалната самоуправа ќе субвенционира со максимален износ од 3.000 денари за купување нови велосипеди по принципот „прв пријавен, прв услужен“.
Предлог-одлуката за давање согласност за распишување Јавен оглас и спроведување постапка за одобрување субвенции на жителите на општина Карпош за купување нови велосипеди беше изгласана на 9. седница на Советот на општина Карпош.
Општина Карпош информира дека до сега има голем интерес за оваа мерка. По исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на општината, со негов ребаланс, ќе се обезбедат нови финансии за продолжување на оваа практика и во иднина.
- На овој начин ќе се поттикне користењето велосипед од страна на жителите на Карпош, а со тоа и ќе се придонесе за заштита на животната средина, односно нејзино помало загадување, информира општина Карпош.
Советниците на општина Карпош ја изгласаа и одлуката за бесплатни ужинки за учениците од прво до петто одделение за учебната 2017/2018, како и за учебната 2018/2019 година и бесплатен излет за учениците од прво до седмо одделение за учебната 2017/2018 година, и од прво до осмо одделение за 2018/2019 година. Советот ја изгласа и одлуката за доделување финансиски средства-награди на 10 ученици полуматуранти-првенци на генерацијата во основните општински училишта кои се наоѓаат на територијата на општина Карпош.