Млади активисти од граѓански здруженија од Гевгелија и Богданци покренаа иницијатива за итна реконтрукција и целосно одбележување и заштита на регионалниот пат Гевгелија-Богданци, на кој се случуваат многу сообраќајни несреќи од кои повеќето за жал и со смртни последици.
Потписи се собираа во Гевгелија и Богданци каде иницијативата наиде на големо разбирање од жителите.
- Со задоволство се потпишавме на иницијативата на младите активисти затоа што ова е еден од најлошите регионални патишта во земјава кој поради неговата истрошеност зеде многу човечки животи, а парите не се ништо во споредба со еден човечки живот, рекоа дел од потписниците на иницијативата.
За реконструкција на овој пат во владината програма за 2018 година се предвидени 24 милиони евра, а иницијативата има цел да ги поттикне градоначалниците на Гевгелија и Богданци да ја забрзаат постапката за реализација и да придонесе надлежните да размислат и за проширување на патот за што сигурно ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства.