Дрвена количка за деца доби Музејот за олдтајмери на Дионис Пашлаков од Неготино. Пензионираниот професор по биологија кој стана светски познат по својата страст кон старите возила, својата колекција од над 110 миленици стари автомобили и 62 моторцикли, ја збогати и со старо превозно средство за најмладите.

- Ова е прекрасен експонат за возило од најмали нозе. Голема благодарност до Филип Радивчев од Битола за овој убав подарок. Од него дознав дека ова ретко превозно средство од ваков вид, своевремено било направено во словенечката фабрика “Елан” која е позната и по производството на скии и дрвени чамци од времето на поранешна Југославија. Се уште стои и амблемот на фабриката. Засега не знам точно колку е стара оваа дрвена убавица. Но, едно е сигурно, нејзините приказни и тајните кои со себе ги носи, сега стануваат дел од магијата што ја носат старите железа од автомобили во мојата ергела, рече Пашлаков за МИА.

Тој нагласи дека најмладите се нашето богатство. Оттаму, додаде, ова дрвено превозно средство буди посебни емоции кај сите што ќе го видат.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2018 11:48