Царинската управа со средства од Програмата ИПА за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција 2014-2020 година, ќе го модернизира граничниот премин Богородица.

Со договорот за проектот што беше потпишан на 2 април годинава, финансиран од ЕУ и кофинансиран од Владата на Република Македонија во износ од 442.500 евра, предвидено е до крајот на 2023 година да се извршат повеќе инфраструктурни зафати на ГП Богородица и ГП Дојран, соопшти Царинската управа.

Инфраструктурните зафати ќе овозможат создавање современи услови за давање на поквалитетни услуги на премините, што за економските оператори, превозниците и патниците ќе значи олеснување и забрзување на движењето на стоките, како и создавање на дополнителни услови за контрола и заштита на граѓаните. Надградбата на објектите ќе ја зголеми пропусната моќ на преминот за стокови пратки, ќе го намали времето потребно за вршење на граничните формалности и ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2018 13:14