Традиционалните акции што ги организира Холандската амбасада се одвиваат веќе три или четири години на неколку локации во Република Македонија. Овој пат е опфатен и кејот на реката Вардар во Скопје. Чувствувам дека тоа е порака и до мене како градоначалник и до вработените во ЈП „Комунална хигиена“, но и до сите нас коишто сме граѓани на Скопје бидејќи отпадот го создаваат луѓето.

Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на отворањето на туристичката сезона во Скопје на градскиот плоштад „Македонија“.

- Во рамки на реорганизацијата на „Комунална хигиена“ веќе почна да функционира посебна бригада од 35 вработени чија единствена работна задача ќе биде чистење и одржување на кејот во беспрекорна состојба. Очекувам дека со нивната секојдневна работа и ангажираност во догледно време ќе го вратиме сјајот на кејот на реката Вардар и во еколошка, но и во естетска смисла на зборот, онаков како што заслужува да биде, рече Шилегов.

На новинарско прашање дали ќе продолжи да функционира или ќе се укине туристичката стража во Скопје, Шилегов смета дека таа служела за потсмев.

- Скопје не е град за потсмев. Скопје е град кој треба да биде респектабилен, град кој треба да остане во убави спомени, а не во спомени за потсмев. Од тие причини дел од таквото лудило повеќе во градот нема да биде, рече Шилегов.

Прашан за преголемиот број на билборди во Скопје, Шилегов рече дека работат на нивно намалување. Според него, се работи за комплексен проблем бидејќи станува збор за повеќегодишна концесија од 10 или 15 години, а фирмите кои го имаат тоа право ги поставуваат.

- Разговаравме со нив со цел рекламирањето на јавниот простор да го направиме подостоинствено, естетски подобро и билбордите да не пречат во движењето на пешаците и велосипедистите. Разговорите со носитетелите на концесијата за поставување билборди одат во добар правец и очекувам дека ќе можеме и ќе успееме да постигнеме договор за намалување на бројот на билборди, рече Шилегов. Смета дека се работи за еден криминален договор за рекламирање во рамки на ЈСП Скопје непосредно пред неговото доаѓање, а склучен во, како што рече, сомнителна постапка на повеќе од 10 години, а ја девалвира и уништува цената и конкурентноста на пазарот на рекламирање во јавниот простор и во автобусите на ЈСП Скопје.

На новинарското прашање за решенијата за данок на недвижен имот, Шилегов одговори дека и терасите и подрумите се дел од недвижноста и оти тоа не е новина. Ги повика граѓаните да го пријават својот имот, оние кои имаат некои проблеми да дојдат во градската администрација за да им се помогне.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2018 13:33