ЗЕЛС денес е единствена организација преку која локалните власти во земјава ги градат своите заеднички политики и излегуваат на преговори со централната власт. И понатаму да бидеме единствени како ЗЕЛС. Тоа е патот да бидеме посилни во развивањето на процесот на децентрализација на власта, во јакнењето на финансиската стабилност на општините и обезбедувањето поадекватни законски решенија за спроведување на нашите активности.
Ова денеска го изјави претседателот на ЗЕЛС и скопски градоначалник Петре Шилегов пред почетокот на втората седница на Генералното собрание на ЗЕЛС во чест на 46. роденден на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија.
- Во изминативе шест месеци, по локалните избори, ЗЕЛС реализира средби со повеќе министри и со премиерот Заев каде добивме оптимистички изјави дека фокусот ќе биде ставен на процесот на децентрализација. Ова е значајно за нас, но многу е поважно градоначалниците и членовите на Советите да поработиме на евидентирање и собирање на сите приходи кои со закон се утврдени да ги добиваме како локална самоуправа, а се со цел да се подобри буџетската состојба на општинските каси, рече Шилегов.
Посочи дека преку ЗЕЛС ќе инсистираат на поддршка на општините со блокирани сметки и долгови, забрзан рамномерен економски и регионален развој, поддршка во инфраструктурните зафати на локално ниво.
- Засега стои ветувањето дека ќе се реализира повеќегодишното барање на ЗЕЛС за зголемување на процентот на ДДВ кој сега оди во прилог на општинските каси во висина од 4,5 отсто, а ќе се залагаме зафаќањето од персоналниот данок од сегашните три да биде најмногу 30 отсто по примерот на многу европски држави, рече Шилегов.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу изјави дека ЗЕЛС веќе 46 години успешно делува како една од најзначајните организации. Тој истакна дека ќе продолжат заедно со локалните власти да работат на зајакнување на капацитетите и подобрување на финансиската стабилност на општините.
На 26 април 1972 година во Салонот 19,19 во Скопје било одржано Основачко собрание на Заедницата на општини и градови на Македонија. Затоа овој датум во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на општините“ и „Ден на ЗЕЛС“. Иницијативата што ја дале претседателите на тогашните собранија на општините Куманово, Кочани, Охрид, Скопје и Тетово била прифатена од претставниците од околу триесетина општини.