Во повеќе села во Кичевско, кај дел од пчеларите пролетва се случува феноменот празна кошница, а кај поединечни пчелари поради вирус има угинување на повеќе од половината пчелни семејства. Штетите допрва ќе се утврдуваат, а можен преносител на овој вирус се и самите трутови, на кои им се достапни сите пчелни семејства лоцирани на едно место.
Оваа болест беше присутна и претходните години, но сезонава се прошири до таа мера што достигна епидемиски размери. Пчеларите велат дека некои од нива имаат загубено 30-40, па и повеќе пчелни семејства. Кај поединечни пчелари штетата е целосна. Засега болеста ноземоза е регистрирана на подрачјето на селата Орланци, Челопеци и Лисичани.
- Пролетните дождови придонесоа поленот да го има во минимални количества. За да ги спасиме преостанатите пчелни семејства им даваме варова вода и ставаме конзерванс на влезовите од пчелните сандаци, само да се спречи натамошното ширење на болеста и да ги намалиме штетите, вели пчеларот Сали Бектеши.