Македонска Каменица денеска одбележа 17 години од загинувањето на Миле Јаневски-Џингар кој заедно со уште седум припадници на единицата Волци во 2001-ва, беа масакрирани кај Вејце.

Роднини и колеги, како и претставници од Општина Македонска Каменица, здруженија на граѓани и политички партии положија се поклонија и свежо цвеќе пред спомен-обележјата со ликот на Миле Јаневски-Џингар.

Во рамките на одбележувањето по повод годишнината од смртта на Џингар е организиран и меморијален турнир во мал фудбал, а Средното општинско училиште кое го носи неговото име, со културно-уметничка програма го одбележа патрониот празник.

Во своето обраќање, градоначалникот на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова порача дека каменичани и роднините на семејството на Џингар треба да бидат горди за херојот на нашата епоха.

- Денес ќе испратиме порака дека жртвата и делото на сите оние што трагично ги положија животите во воениот конфликт од 2001 година, никогаш нема да бидат заборавени. Тоа се нашите млади херои кои многу пожртвувано и несебично ги дадоа своите животи за оваа наша денешна независна и суверена Република Македонија. Ние сме сведоци на нешто што треба да биде многу поучно за сите нас, за сите сегашни и идни генерации. Јас знам дека нашата благодарност кон херојското дело на македонските бранители, секогаш ќе биде премала во однос на нивната саможртва, но секогаш мораме да им оддадеме почит, а и генерациите што доаѓаат по нас со пиетет да ги спомнуваат имињата на сите оние што ги положија животите во одбрана на својата татковина, истакна Стаменкова.

Таа додаде дека М. Каменица никогаш нема да го заборави својот херој.

- Споменот на Миле Јаневски Џингар е сеќавање на време на херои. Делото на Миле Јаневски би било залудно доколку не биде наша вистинска водилка, доколку не бидеме сплотени и единствени и доколку не тргнеме по правилниот пат. Ние мораме да свртиме една поинаква страница и сите заеднички да го исполниме стремежот на нашиот херој – да придонесеме за развојот на нашата општина, за градењето на силна Македонија и да создадеме општество базирано на вистински вредности, критериуми и стандарди, порача Стаменков.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2018 13:17