Со положување свежо цвеќе и рецитал посветен на Никола Карев, на новото спомен обележје во месноста Свиланово кај кочанското село Рајчани денеска беше одбележана 113-годишнината од загинувањето на претседателот на Крушевската Република.
Во присуство на градоначалниците од регионот и од општина Крушево, роднини на Карев, владини и претставници од Сојузот на борците, извидници, планинари и поголем број граѓани, свечено беше предаден во употреба спомен паркот посветен на големиот македонски револуционер.
- Почитта кон Карев ја изразуваме со нашето постојано укажување за значењето на неговото дело пред новите генерации, а сеќавањето на него од овој 27 април го збогатуваме со уште едно спомен-обележје, на местот на неговото загинување, овде во Свиланово, рече градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Проектот за изградба на спомен паркот за Карев со 5,6 милиони денари е финансиран од Програмата за развој на планските региони за 2017 година на Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а со кофинансирање од општините Кочани и Чешиново-Облешево.
- Сведоци сме дека со реалзиацијата на овој проект се обезбеди достојно обележје на местото на загинувањето на Карев, но и пристојно место за одмор во прекрасниот осоговски планински амбиент. Наша должност е да ја почитуваме и да учиме од историјата, но и наша света обврска е да обезбедиме достоинствен живот за сите граѓани на Република Македонија и да отвораме нови перспективи за нас и нашите поколенија, рече заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски.
На свеченоста по повод одбележувањето на годишнината од смртта на Никола Карев, присуствуваа и негови роднини, кои се заблагодарија за можноста да го посетат местото каде загинал нивниот дедо, при што упатија забелешка за исфрлањето на неговото име од државната химна.
- Покрај за Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански, во химната порано се пееше и за Карев, но подоцна неговот име исчезна. Ние, неговата фамилија сакаме да знаеме каква е заслугата за тоа, рече Трајко Карев, внук на Никола Карев.
Спомен обележјето во Свиланово е на површина од 460 метри квадартни, комплексот содржи четири амфитеатрални реда, а во центарот се сместени три мермерни плочи со ликот и името на Карев