Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО), годишнината од основањето, 25 април 1979 година ја одбележа со “Win-Win”-Форум, на кој фокус тема беше соработката на Универзитетот со работодавачите кон поквалитетни и поатрактивни студиски програми.
Според ректорот на УКЛО-Битола, Сашо Коруновски, Форумот е форма со која излегуваме од досегашната стереотипна форма на прославување на денот на основањето на УКЛО.
- Ние ги отстрануваме предрасудите на академската заедница, отворено влегуваме во активности кои се за доброто на студентите и на бизнисот, но пред се на Универзитетот кој може да влезе во систем на редефинирање на студиските програми. Соработката со бизнис заедницата е континуирана, а првпат и на највисоко ниво, истакна ректорот Коруновски.
Врската меѓу бизнис заедницата и Универзитетот во овој момент е доминантен проблем. Испорачувањето на кадри за бизнисот и можноста да се оствари повисока стапка на раст е многу важна, нагласи претседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески на форумот во Битола.
- Според анкетите во СКМ и контактите со фирмите ова е најгорливиот проблем кој се чувствува на три нивоа, и тоа во однос на испорачувањето на кадри потребни за стопанството, во делот на менаџерскиот, но и на сопственичкиот кадар кој е без искуство. Во вистинско време разговараме за овие проблеми, а нашите проекции и предлози се воведување на дуално образование на пониските нивоа и интензивна соработка со високообразовните нивоа, истакна претседателот на СКМ, Бранко Азески.
На форумот „WIN-WIN“ со свои излагања настапија и Глигор Бишев од Шпаркасе Банка, како и Симон Наумоски, претседател на одборот на директори на прехранбената индустрија „Витаминка“-Прилеп.