Пред почетокот на годинешната сезона за сточарење на вископланинските подрачја во западниот дел на земјава, пасиштата и инфраструктурата се подготвени, информираат од ЈП за стопанисување со пасишта. Оваа година, за напасување на овци, кози и крави во овој регион на располагање се близу 130 илјади хектари, проодни патишта, водопоила и бачила.

Првите стада овци на планините треба да пристигнат кон средината на мај, кога започнуваат и миграциите од низинските кон планинските пасишта. Освен редовните активности кои се спроведуваат, од претпријатието наведуваат дека за оваа година планирано е да се инвестираат околу четири милиони денари. Во овој период се работи на запуштените патишта со чистење на тревните површини од смерки и други нискостеблести дрвја.

- Ова е направено по барање на сточарите кои напасуваат стока во ова подрачје и согледувањата на нашите служби. Во гостиварскиот регион предвидено е да се изврши реконструкција на 20 километри постојни рурални патишта, реконструкција на три бачила и отварање нов пат со должина од три километри. Во Тетовско, со активности ќе бидат опафатени земјени патишта во должина од околу седум километри. Дополнително ќе се работи и на реконструкциите на водопоилата и бачилата, вели Љуљзим Фејзулаи директор на ЈП за стопанисување со пасишта.

Фејзулаи потенцира дека овие две години интензивно се работело на овозможување на подобри услови, како за напасување така и за производство на млечни производи на традиционален начин.

На подрачјето на планините Бистра, Сува Гора, Кораб и Шар Планина има 126.737 хектари со високопланински пасишта. Освен за напасување на добитокот на сточарите им се обезбедени и дополнителни услови: над 200 километри патиштата, стотина водопоила и педесет бачила.

- Изминатиов период во овој регион се работеше интензивно. Отворивме и реконструиравме близу 50 километри планински патишта, најмногу на Шара, Бистра и на Сува Гора. Пред доаѓањето на стадата на пасиштата ќе се провери состојбата со некои од патиштата, со оглед дека изминатиов период имаше обилни врнежи па можно е некои да се оштетени, вели Фејзулаи

Во овој дел од Македонија се напасуваат околу 30 илјади овци.

Од ЈП за стопанисување со пасишта нагласуваат дека во тек е изработка на нов закон за пасишта кој се прави. Една од поглавните измени ќе биде и зголемување на рокот на давање под концесија на пасиштата, по сугестија која потекна од фармерите.

Зоран Г. Маџоски



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2018 14:31