Традиционалната улична трка „Св. Кирил и Методиј“ во Делчево ќе се одржи на 25 мај со почеток во 9 часот. Ова го истакнаа организаторите на градската трка, кои го најавија и годинешното мото „Трчај, брзај, движи се и за себе грижи се“, а целта и годинава е промовирање на здравиот начин на живот.
- Како и досега и оваа година сакаме да го промовираме здравиот начин на живот на граѓаните во Делчево, а посебно на повозрасната популација, а со тоа да придонесеме кон намалување или згаснување на кардиоваскуларните заболувања. Воедно, сакаме да го промовираме градот Делчево како место за спортски туризам. Патеките за трките, како и различните категории трки се исти како и минатата година, а новина оваа година е трката за брзо одење на 2.500 метри за учесници постари од 35 години. Времето за почеток на трките ќе биде објавено неколку дена пред трката. Возрасните имаат можност да се пријават на онлајн апликацијата, на нашиот фејсбук профил, како и лично кај организаторите, истакна д-р Дејан Златковски, лекар во примарното здравство и член на Здружението „Драм-АС“.
Пријавувањето на учениците се врши директно во училиштата кај задолжените наставници.
- Апелираме до граѓаните на Делчево кои ќе дојдат да ги гледаат трките и да ги потикнуваат натпреварувачите, да покажат високо ниво на спортска култура, со тоа што нема да пречат на стартот и целта на трките како и по целата патека, за да можат натпреварувачите безбедно и непречено да стигнат на целта, истакна Златковски.
Д-р Соња Мавродиева испрати порака да се даде придонес за поддршка на спортот во Делчево.
- Да се пријавиме, да трчаме, за да дадеме пример на младите генерации дека спортот и здравиот живот е она што треба да не прави среќни. Стоп, за пороците, пушење, алкохол, дрога, брзај, трчај, движи се, и за тебе грижи се. Бидете и вие дел од трката за жени на 2.500 метри и мажи на 5.000 метри, истакна Мавродиева.
Градската трка во Делчево ќе се одржи трет пат и таа е најмасовниот спортски настан во Делчево со стотици натпреварувачи. Трката се одржува по повод патронот на град Делчево 24 Мај, св. Кирил и Методиј, а и годинава организацијата е на Здружението „Драм-Ас“, иницијативата е на Здружението на македонски иселеници „Рефрама“, со поддршка на Општина Делчево.