Првата годишнина од канонизацијата на св. Кипријан Слепченски ќе биде одбележана утре во манастирот „Св.Јован Претеча“ во демирхисарското село Слепче.
По тој повод во 08:45 часот ќе се одржи литургија, а моштите на Светителот ќе бидат изложени од 07:30 часот пред кои ќе може да се поклони верниот народ и сите добронамерници кои ќе го посетат манастирот.
Во дворот на манастирската црква ќе се одржи програма во рамки на која во 11 часот ќе се обрати митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар и градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски. Ќе се одржи рецитал „Св.Кипријан” и пригодна музичка програма.
Светиот свештеномаченик Кипријан бил игумен на Слепченскиот манастир повеќе од триесет години во XVIII век. Тој бил добар познавач на словенското писмо и мудар и верен економ на манастирот. Се упокоил на Велигден во 1780 година.