Град Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална работа и Агенцијата за вработување ќе спроведе обука на 25 невработени работоспособни лица. Обуката е предвидено да почне на 1 јуни и да трае три месеци. Пријавувањето почнува утре и ќе трае до 10 мај годинава.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој појасни дека обуката се спроведува поради тоа што оџачарите се дефицитарен кадар и поради неможноста сите оџаци во Скопје да бидат исчистени.
- Кандидатите за време на обуката ќе добиваат надомест од девет илјади денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат покрај сертификат ќе му се обезбедат и основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување или самовработување, имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Град Скопје, изјави Шилегов.
Тој рече дека годинава се предвидени 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците во Скопје. Субвенциите ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари.
Шилегов посочи дека предвидувата илјадници оџаци да бидат исчистени до почетокот на следната грејна сезона.
- Свесни сме дека со ова не се решава во целост пороблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите на среден и долг рок, рече Шилегов.
Скопскиот градоначалник изјави дека не се прима отпад од Струга или од некоја друга општина во ЈП „Дрисла“-Скопје.
- ВМРО-ДПМНЕ го продуцираше проблемот на „Дрисла“ бидејќи три пати избираше сомнителен партнер, фактички го креираше „Дрисла“ како загадувач во градот со избор на несоодветен партнер. Повеќе од седум-осум години тој проблем постоеше, а јас како градоначалник и оваа градска администрација го инициравме и решивме проблемот за неполни шест месеци, рече Шилегов.
Градоначалникот Шилегов на сите работници им го честита 1 Мај-Меѓународниот ден на трудот.