Во Домот на културата „Ѓорче Петров“ во четврток (3 мај) со почеток од 20 часот хуманитарен концерт ќе одржи младата пејачка Магдалена Алексовска и многу музички имиња.

Средствата кои ќе бидат собрани од концертот ќе бидат наменети за лекување на малиот Дамјан Поповски, кој има една година и осум месеци и се уште не го слушнал гласот на својата мајка.

Дамјан беше опериран на 17.04.2018 година и во мозокот му беше вграден кохлеарен имплант со чија помош тој треба да почне да ги прима звучните сигнали. Трошоците за неговото лекување и одржување на имплантот во постојана функција се многу големи и секоја поддршка и секое присуство на овој концерт е донација која ќе помогне во иднина и Дамјан да може да ужива во звуците на музиката. Цената на билетите за овој концерт е 100 ден, а со секое купување на билет веќе донирате за Дамјан. Билетите можат да се купат на влезот на Домот на културата пред концертот.

Да запееме со душа за Дамјан да слуша! е мото на концертот кој ќе го поддржат со свои настапи и Ристо Самарџиев, Влатко Илиевски, Џина Папас Џокси, 2ВЕ, Благица Ѕунѕуровска, Милана Лукиќ...

Концертот ќе започне со звуците на класичната музика со Екатерина Лукарова - флејта, Оља Михајловиќ - флејта, Александар Војнески - виолина, Бојана Мирковска - виолина, Изабела Велковска - флејта, Марко Наумовски - флејта, Нина Крагуевска - кларинет, Виктор Богоевски - тромбон, Александра Кировска - гитара, Дамјан Илиовски - тромбон, Дани Жоговска - пијано...



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2018 14:14