Во Велес кај Вардар пред споменикот на Гемиџиите, познати и како Солунските атентатори, денеска беа одбележани 115 години од низата бомбашки напади што ги извршија во 1903-та во Солун.

На споменикот повеќе општински делегации во нивна чест положија цвеќе.

Со бомбашките акции, под слоганот „Се арчиме себе си за Македонија“, младите интелектуалци кои се нарекуваа Гемиџии имаа цел да го свртат вниманието на Европа за неподносливите услови во кои живее македонскиот народ под Отоманската империја.

Во акциите од 28 до 30 април во 1903. година во воздух биле кренати бродот „Гвадилкивир“, Отоманската банка, Електричната централа, а бил направен обид во воздух да се крене и Централната пошта во Солун и да се минира железничката пруга Солун - Деде Агач.

Повеќето од гемиџиите биле интелектуалци на возраст од 18 до 22 години. Тоа се Јордан Поп Јорданов, раководител на Кружокот, Димитар Мечев, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов сите од Велес и Павел Шатев од Кратово и Марко Бошњаков од Охрид. Нивните имиња се запишани со златни букви во историјата за борбата на македонскиот народ за своја независна држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2018 14:49