ФИА ги објави промените на правилата за аеродинамиката на болидите во 2019 година, кои треба да им олеснат на возачите при меѓусебните дуели. Од следната сезона ќе има поедноставно предно крило, кое ќе носи помалку воздух кон гумите, за да се постигне поголема кохезија и брзина на свиоците. Задното крило, исто така, ќе се промени и ќе стане пошироко и подлабоко. Сопирачките ќе бидат поедноставени. Сите овие одлуки се земени по детално истражување и се одвоени од регулативите на Формула 1, предвидени за 2021 година. Покрај тие мерки, ФИА продолжува да бара подобрувања кои ќе им помогнат на пилотите да се надминуваат, а трките да станат поинтересни. Досега нема официјални изјави од тимовите, но веб-страницата „Моторспорт“ тврди дека само четири екипи ги поддржуваат иновациите, додека другите шест се против. Ферари, Ред Бул, Рено, Мекларен, Торо Росо и Хас рекле не, а Мерцедес, Вилијамс, Форс Индија и Заубер се „за“. Веб-страницата го цитира Кристијан Хорнер, кој вели дека е подобро да се „задржат работите како што се во моментот“ и да се прават промени од 2021 година. Сирил Абитбул од рено коментираше во иста насока: „Ф1 е доволно добра за следните 2 години“.