Нови осум свадбари од Кочани се затруле од храна, информираше денеска директорката на Центарот за јавно здравје - Штип, Марија Димитрова.

Пациентите денеска побарале медицинска помош кои имале тешка здравствена состојба со симптоми на дијареја, повраќање и висока температура.

Во моментов се одвива хоспитализацијата на пет пациенти од вкупно осумте свадбари кои побарале денеска помош, а епидемиолозите од Центарот за јавно здравје - Штип веќе работат и на овој случај.

Како што вели Димитрова, веднаш се известени и инспекциските служби да излезат на терен за да земат мостри од примероците на храна која што ја посочиле свадбарите.

Новите кочански свадбари посочуваат дека храната била послужена преку кетеринг фирма.

Димитрова забележува дека овие нови свадбари немаат поврзаност со свадбата на која што присуствуваа петмината свадбари од кочанското село Тркање.

Бројот на затруени свадбари во Кочанско во две одделни свадби изнесува во моментов 13.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2018 12:50