Општина Штип заедно со невладиниот сектор почна да ја изготвува стратегијата за локален економски развој од 2018 до 2023 година.

Претседателот на Советот на општина Штип, Јане Миланов и претставници на двете јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“, како и од општина Штип денеска посочија дека овој документ е стратешки, бидејќи со реализирањето на проектите во него се решаваат и проблемите на граѓаните.

Раководителот на Секторот за јавни дејности во Општина Штип, Билјана Казанџиска истакна дека стратешкото планирање е анализа која треба да ги идентификува и потребите на стопанството, јавниот сектор и секако на жителите на општината.

- Освен тоа, со вклучувањето на сите важни чинители во заедницата, ние заеднички ќе обезбедиме можност директно да се посочат недостатоците во секојдневниот живот на граѓаните и во соработка со локалната самоуправа да се стават во документ кој ќе обврзува подобрување на животот на граѓаните, услугите кон нив, но и бизнис климата на локално ниво, рече Казанџиска.

Таа додаде дека со цел поквалитетно изготвување на стратешкиот план на општина Штип, вклучени се сите заинтересирани структури на општината, организирани во координативно тело. Во изготвувањето на Стратегијата за локален економски развој на општина Штип за периодот 2018-2023 година ќе учествува Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2018 11:41