Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера доцна попладне извршија запленување и уништување на околу 300 килограми небезбедна храна (смеса за подготовка на пирошки, пирошки, јајца) затекнати при инспекциската контрола во објект кој не е одобрен и регистриран од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Спроведената истрага утврди дека небезбедните пирошки кои предизвикаа дополнителни труења со храна, по Штип и во кочанско, се произведувале нелегално, во домашни услови, во објект што се наоѓал непосредно над операторот со храна ДПТУ „Гицов“ ДООЕЛ од Кочани кој на 25 април беше затворен од страна на АХВ и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Небезбедните производи се повлечени и уништени меѓу кои и пирошките кои биле дистрибуирани на пазарот, се наведува во соопштението на АХВ.

Со одземањето, спречувањето на нелегалното подготвување и дистрибуирање на небезбедните пирошки и нивно нештетно уништување под надзор на инспектор за храна, затворена е истрагата за овој случај на труење со храна, за што сторителот на делото ќе биде прекршочно и кривично гонет од страна на надлежните државни органи, додава АХВ.

Агенцијата за храна, како што се наведува во соопштението, јавно се заблагодарува на граѓаните за дадената соработка при решавањето на овој случај.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2018 13:00