Здружението „Инклузива“ денеска ги обучуваше претставниците на општинските изборни комисии во рамки на работилницата „Пристап до избирачките места и комуникација со лицата со попреченост“ во рамки на проектот „Зголемување на учеството на лицата со попреченост во изборниот процес“, финансиран од американската амбасада во Македонија. Активноста се спроведува во соработка со Државната изборна комисија.

Истражувањето за време на последните локални избори покажало дека општинските и државната изборна комисија немаат вештини за соодветна комуникација со оваа категорија граѓани и затоа се создаваат проблеми на гласачкото место и во остварување на правото на глас.

- Дел по дел ги презентираме недостатоците, даваме препорака за следните избори како ова може да се надмине. Ги слушаме и претставниците од општинските изборни комисии што имаат да кажат во однос на тоа со какви проблеми ќе се соочат, ако се законски правни тогаш ќе мора да делуваме во државна изборна комисија и во парламентот, изјави претседателката на „Инклузива“, Благица Димитровска.

Феми Рашити, советник од правната служба на ДИК посочи дека Комисијата и претходно подготвила прирачници за гласање на лицата со попреченост, недостатоците се увидени и ќе се работи на пристапноста на лицата со попреченост до избирачките места.

Вакви работилници за едукација на општинските изборни комисии досега се одржаа и во Гевгелија и Охрид, а од „Инклузива“ најавија дека ќе продолжат и со организирање на работилници и во другите градови.

Здружението „Инклузива“ на претседателските избори ќе биде акредитиран набљудувач на целата територија на Република Македонија.

Димитровска посочи дека ќе започнат и со обуки за медиуми, со што ќе се едуцираат новинарите како да известуваат за време на пред и пост изборниот процес и да обрнат внимание на пристапноста до гласачките места.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2018 12:45