Рекордни над 10.000 учесници од 58 земји се пријавени на 14.то издание на „Виз Ер Скопски маратон“ што ќе се одржи в недела на 6 мај. Во Скопје пристигна и главниот промотор на годинашното издание поранешната светска шампионка Пола Редклиф.
- Драго ми е што пристигнав во Скопје и сум слушнала убави работи за овој маратон. Им посакувам успех на сите учесници и се надевам дека ќе уживаат во трката, истакна Редклиф на прес-конференција.
Почетокот на манифестацијата, што го вбројува главниот град на светската атлетска мапа, е во недела во 08:30 часот (маратон и полумаратон) на плоштадот „Македонија“, десет минути подоцна ќе тргнат и пријавените во штафетниот маратон и во трката на пет километри.
- Оваа година ќе има рекорден број учесници и се надевам дека ќе не послужи убаво време, а „Скопскиот маратон“ ќе се покаже во најдобро светло, истакна директорот на маратонот, Кире Синадиновски на денешната прес-конференција, на која присуствуваа и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Во недела одредени сообраќајници ќе бидат забранети за сообраќај. Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот.
Лани победници беа Кениецот Киротич Кируи (2:12:59 часа) и неговата сонародничка Стела Барсосио (2:33:42 часа)