Општина Центар во заедничка акција со УЈП, МВР, СВР Скопје, Градски паркинг и Јавното претпријатие паркинзи на општина Центар синоќа извршиле контрола на 20 угостителски објекти во Дебар Маало, на улиците „Македонија“, „Пролет“ и во други делови на локалната самоуправа.

За овие локали, како што информира општина Центар, граѓаните се жалеа дека го нарушуваат редот и мирот со гласна музика, бесправно узурпирање на јавниот простор со поставување на тераси и паркирање на возила на недозволени места.

- На дел од угостителските објекти им се изречени мандатни казни, на дел им е даден рок да достават документација и да го усогласат просторот според пропишаните параметри. Доколку рокот не биде испочитуван ќе им биде изречена соодветна глоба или ќе бидат затворени. Непрописно паркираните возила веднаш беа отстранети од ЈП ПОЦ и Градски паркинг, соопшти општина Центар.

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ изјави дека е воспоставена целосна координација со сите институции и нема да се толерира незаконско работење на територија на општината.

Во следниот период, како што информира општина Центар, со правосилни решенија ќе се пристапи кон отстранување на дивите и незаконски поставените тераси и ќе има зачестени контроли на угостителските објекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2018 18:21