Општина Кисела Вода денеска го одбележа својот патронен празник 6 Мај Ѓурѓовден.
Во организација на локалната самоуправа, во паркот Шопен најголемиот пролетен празник се чествуваше со богата културно-забавна програма. Симболично со празникот кој се идентификува со раѓањето и будењето на пролетта, акцентот беше ставен врз најмладите.
Како што соопшти Општината, посетителите ги забавуваа акробати, жонглери, куклари, настап имаа и Златните славејчиња, повеќе млади музички таленти од овој дел на градот, како и Александар Митевски кој и самиот е некогашен жител на оваа општина.
Градоначалникот Филип Темелковски, во своето обраќање пред присутните потсети зошто токму денешниот празник кој годинава се празнува по јубилеен 20-ти пат е избран да биде патронен празник на Општина Кисела Вода.
- Имено, жителите од овој дел на градот векови наназад во старата црква „Св. Ѓорѓија”, го празнуваат овој ден кој ја симболизира истрајноста и вербата, победата на доброто над злото, го слават животот. Најстарата скопска Општина, Општина Кисела Вода негувајќи ги токму овие вредности помина значајни периоди и во историска и во политичка и во општествена смисла и годинава ќе одбележи 63 годишно постоење, рече Темелковски.
Вети дека тој како прв човек на оваа локална самоуправа е насочен исклучиво кон граѓаните и оти интензивно и истрајно ќе работи на прогресот на општината и на надминување на сите предизвици кои ги наметнува секојдневието.