Првите холандски туристи во летната сезона во Македонија слетуваат утре со туроператорот Корендон на охридксиот аеродром. Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам, ќе траат до 16-ти октомври оваа година.

На почетокот Корендон ќе лета два пати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во најголемиот ек на сезоната – во јули и август, компанијата ќе додаде уште еден лет. Овие податоци се променливи во зависност од побарувачката.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот денеска соопшти дека се очекува до октомври да бидат организирани околу 50 чартер-летови и Охрид да го посетат над 10.000 холандски туристи само со туроператорот Корендон. Оваа сезона, информираат, најавено е зголемување од 20 проценти на резервации со оваа компанија, со што би се зголемил и сообраќајот на аеродромот „Свети Апостол Павле“.

- Македонија лани ја посетиле 26.889 холандски туристи со остварени 141.675 ноќевања, со што се во првите 10 туристички пазари во нашата земја, истакнуваат претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и туристичката агениција „Фибула“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 10:44