Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид ја отвори првата Меѓународна научна конференција посветена на работата на безбедносните служби од регионот задолжени за обезбедување на личности (VIP и VVIP) и објекти, што се одржува под работен наслов „Студија на случај, проценка на ризик и методи и тактики на обезбедување на личности и објекти“.
Спасовски во обраќањето пред учесниците на собирот истакна дека обезедувањето е ризична професија која налага максимален ангажман, посветеност и концентрација. Оттаму и важноста од сериозна и постојана обука, силни психофизички перформанси на припадниците на Единицата за и обезбедување на ВИП личности и објекти, но и сите останати кои се дел од системот за обезбедување.
- Она што мора да го направиме е да се фокусираме кон натамошна изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт за безбедност на институционално ниво, способен првенствено валидно да евиндентира, анализира и проценува закани, но и воспоставување мултиинституционален систем за соодветен одговор на истите. Притоа мора да ги почитуваме сопствените карактеристики и национални приоритети, но и нужноста за стандардизирање на сите сегменти на безбедносната сфера согласно практиките на партнерите од евроатлантските структури, нагласи Спасовски.
Заканите по безбедноста, како што рече, се менуваат секојдневно а тоа само по себе бара инвентивност во смисла изаоѓање нови методи и техники, но и демонстрација на присебност во моменти кога се чини дека тоа е невозможно, притоа посочувајќи случаи како што беше организираниот обид за уставно нарушување на поредокот на РМ од 27 април минатата година.
- Организирана група влезе во Собранието со цел да убие неколку пратеници. Тогаш на дело се покажа колку е значајно да имате професионална служба за обезбедување. Уште од формирањето на новата Влада отпочнати се сериозни реформи и активности за реорганизација на службите на обезбедување личности и објекти, така што тие луѓе од тоа обезбедување ја водат службата, рече Спасовски.
Професорот Зоран Кековиќ од Факултетот за безбедност во Белград смета дека бројните случаи на успешни и неуспешни обиди за атентати само ја покажуваат важноста од стандаридизирањето на областа, особено во контекст на движењето на личностите што се под заштита, како во земјата што ја претставуваат, така и во други земји.
- Мошне е важна соработката меѓу надлежните служби, исто така меѓу полицијата и агенциите за приватно обезбедување, поточно постоење стандарди што не се само национално обоени туку имаат пошироко, регионално значење. Тоа значи подигање на нивото на координацијата на претставниците на разни државни органи во една или повеќе држави, рече Кековиќ.
Заедничка оценка на учесниците на Конферецијата во Охрид е дека таа претставува добра можност за размена на искуства на службите во регионот, во насока на обезбедување научна поткрепа за зајакнување на капацитетот на безбедносните служби во интерес на сите граѓани.