Под мотото „Секаде за секого" денеска беше одбележан 8 Мај - Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Централниот настан, како што информират од Црвениот крст на РМ, се одржа на градскиот плоштад во Скопје, а како дел од активностите се реализираше параолимписка игра „Бочија“ наменета за лица со посебни потреби во која учествуваа лицата од дневните центри за лица со посебни потреби од Скопје, Велес, Кавадарци, Дебар, Делчево, Кичево, Гостивар и Прилеп.
Со цел поддршка промоција на еднаквите можности и подигнување на јавната свест за лицата со посебни потреби, кон настанот се приклучија и волонтерите од Црвен крст на град Скопје и општинските организации на територија на град Скопје.
Во параолимписката игра учествуваа ученици од 10 средни училишта на територија на град Скопје, во кои се реализира проектот „Училишни клубови за едукација и превенција на Црвен крст“. Учениците и нивните професори дадоа придонес кон полесна реализација на играта, помош и поддршка кон лицата со попреченост.