Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) и Здружението на издавачи на Македонија (ЗИКМ) ги наградија најдобрите изданија меѓу два саема на книгата во рамки на 30-тата манифестација која по шест дена завршува вечер.

МАИ додели признанија во осум категории, а за наградите одлучуваше стручно жири во состав: проф. Владимир Мартиновски, новинарката Нина Стефанова и графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.

Прво место во категоријата за најдобра едиција доби „Огнови“ на издавачкиот центар „Антолог“, а второ место - „Басни од Македонија“ од издавачката куќа „Арс Ламина“. За најдобро ликовно-графички уредено издание е наградена сликовницата „Ѕвезденото дете“ од Ване Костуранов (Арс Ламина). Прво место за најдобри книги за деца и млади доби „ТКЦП: Канџа во мракот“ од Билјана Црвенковска и Здравко Гиров (Арс Ламина), второ место: „Енциклопедија за деца“ од Ели Маказлиева (Едука Мак) и трето место: „Глен-Супермен“ (Антолог).

За најуспешни домашни автори се именувани: Фросина Пармаковска, Билјана Црвенковска и Петар Андоновски. Наградата за најкреативно издание ја доби боенката „Скопје 091“ објавена од издавачкиот центар „Три“ (прво место) и интерактивната сликовница „Ти и јас“ од „Арс Ламина“ (второ место).

Управниот одбор на МАИ додели и специјална награда за општествена одговорност на КСЦ „Полица“ за повеќе проекти и донации, и на издавачот „Арс Ламина“ за првиот „Водич за знаковен јазик“, проект за глуви и наглуви. Признанија за најдобри промотори на читачка култура освоија: блогот „Сакам книги“ и The Chick That Reads (Ана Томовска), додека за Кампања за подигнување на читачките навики кај децата – проектот „Читаме со Марија и Маги“ (Арс Ламина).

Прво место за најдобро саемско претставување доби издавачки центар „Три“, второ место „Арс Ламина“ и трето „Арс Студио“.

И Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ) традиционално ги додели наградите распоредени во пет категории, за изданија објавени меѓу двата саема. Одлуката за наградите на ЗИКМ ја донесе тричлена стручна комисија, во состав проф. д-р Александар Прокопиев, претседател, и членовите проф. д-р Иван Џепаровски, и д-р Ацо Пероски.

Во категоријата Најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема, прва награда доби „Сенката на Марко Крале - античката, византиската и македонската епска поезија“ од Витомир Митевски во издание на МАНУ.

Во категоријата Најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саема, прва награда доби изданието „Cubes and Spheres“, издание на „Магор“, ликовно обликување на Симчо Шандуловски. втора награда за „50 години МАНУ“ од Владо Камбовски, издание на МАНУ, ликовно обликување на Кочо Фиданоски, Симчо Шандуловски и трета награда за „Резби во времето“ од Драган Попоски-Стојнин, издавач „Бата прес“, ликовно обликување: Васко Ташковски, Лазар Томовски.

Во третата категорија - Најдобро илустрирана книга или сликовница, прва награда доби „Волкот и седумте јариња“, адаптација на текст на Ана Иванова, автор на илустрации: Боркица Арсевска, издание на „Просветно дело“. Втора награда во оваа категорија доби книгата „Збороигри 2“ од Славе Ѓорѓо Димоски, илустрации: Јулијана Величковска, издавач: ПНВ Публикации.

Во четвртата категорија - Награда „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саема, прва награда доби изданието „Уметноста на исламот: јазик и значење“ од Титус Буркхардт, издавач „Логос-А“, изработка „Фокус принт“. Втора награда во оваа категорија доби изданието „Мегаструктури Ш1986-2016Ќ“ на Георги Константинов, издавач: МАНУ, а третата награда - „Банкарство од поинаков агол“ на Климентина Попоска, Марија Стојановска, Ивана Илоска-Трајковска, во издание на „Магор“.

Наградата од петтата категорија - Најдобар книжар меѓу двата саема, комисијата одлучи да им ја додели на двајца конкуренти: на Павлина Ангеловска од „Матица македонска“ и на Ѓоко Здравевски од „Бегемот“.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 12:33