Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) се огласи по денешната прес-конференција на мелничарите, со најава дека ќе ги повика на средба.
Воедно информира дека продолжуваат преговорите со Србија за изнаоѓање решение од заеднички интерес во делот на контролните маркички за брашното.
- Министерството за земјоделство е отворено за соработка со сите чинители во земјоделскиот сектор. На средба ќе бидат повикани и претставници на мелничко-пекарската индустрија, наведува МЗШВ во соопштение до медиумите.
Според МЗШВ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку инспекторските служби на граничните премини врши редовна контрола и континурано го следи увозот на сите производи, вклучувајќи го и брашното.
- Се следи увозот на брашно не само од Србија, туку и од другите земји. Се контролира дали маркичките се соодветно залепени и дали брашното има соодветна декларација. Доказ за тоа се повеќето вратени пратки во земјата на потекло поради незадоволување на законските прописи, изречените казни за пуштање во промет пред добивање на лабораториски резултати и поради незадоволителниот квалитет и пренамена во сточно брашно, наведува Министерството.
Маркичките кои се издаваат од МЗШВ за евидентирање на брашното пред пуштање во промет продолжува со целосна контрола од страна на АХВ, како на увозното, така и на домашното брашно.
Во меѓувреме, тимовите од Македонија и Србија во рамки на Мешовитиот комитет одржуваат континуирани средби и до 30 јуни се очекува усогласување и потпишување на двата договора од областа на безбедноста на храната и фитосанитарната контрола. Тоа ќе значи меѓусебно признавање на сертификатите од овие области што ќе придонесе за побрз проток на пратките, пониски трошоци и поконкурентни македонски производи.