Учесниците на Европската конференција за блатни екосистеми што се одржа во Охрид едногласно ја усвоија Декларацијата за заштита на екосистемот на Охридското Езеро.
Во Декларацијата се констатира немерливата вредност на Охридското Езеро поради своето богатство на биолошка разновидност, како 1,6 милиони години старата реликвија што создала уникатна средина со голем број ендемични видови. Документот констатира дека езерото се уште е во извонредна состојба, но постојаниот внес на отпадни води претставува сериозна закана по неговиот квалитет.
Што се однесува до Студенчишкото Блато, истото се посочува како „илјадници години стар природен воден филтер со илјадници птици, ендемски видови, зародиш на живот, чувар на микроклимата – срцето на езерото“. Истовремено се констатира дека последното живо блато на македонскиот брег од езерото бележи евидентна деградација, последица на низа деструктивни активности последните 50 години, од која последната е скорешната изградба на широка асфалтна патека што го нарушува неговото хидролошко единство со Охридското Езеро.
- Остатокот од Студенчишко Блато е суштински важен и многу вреден поради биолошката разновидност, добро одржаните неколкуметарски слоеви тресет, единствениот целосно функционален блатен систем кој се граничи со Охридското Езеро и обезбедува многубројни екосистемски услуги (прочистува, штити итн.), а неговиот загубен дел може лесно да се ревитализира“, стои во документот.
Во него се констатира дека УНЕСКО статусот се покажал како недоволен да го спречи директното влевање на загадена вода во езерото и не обезбедил никаква заштита за вредното Студенчишко Блато. Охридското Езеро уште се посочува дека претставува единствен систем со Студенчишко Блато, како ресурс од клучна важност за економскиот развој што може да се постигне преку одржлив туризам, така што заштитата и ревитализацијата на овој екосистем мора да бидат број еден приоритет за регионален развој.
Оттаму Друштвото на научници за блатни екосистеми со Декларацијата ги повикуваат локалната и централната власт во Македонија значајно да ја подобрат заштитата на Охридското Езеро, вклучително и на Студенчишкото Блато и на езерскиот слив, што оптимално би се постигнало со прогласување на езерскиот систем како блатен екосистем од меѓународна важност под Рамсарската конвенција, за што веќе постои подготвеност во Рамсарскиот секретаријат во Швајцарија. Истовремено, меѓу останатото како неопходно е посочено итно изготвување и спроведување акциски план за заштита на Студенчишкото Блато и за негова итна ревитализација, што подразбира замена на постојниот пат кој ги раздвојува блатото и езерото со дрвена патека, со цел да се овозможи нивне непречена комуникација, потоа чистење на отпадот, запирање на земјоделските активности, и како многу важно – трајно враќање на блатото во неговата првобитна големина.