Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“-Битола ги заврши подготовките за традиционалниот планинарски марш кој секоја година се одржува во чест на првиот Македонец што го освои врвот на светот – Монт Еверест (8.848 метри).

Македонските планинари, но и многу други граѓани долго ќе го паметат разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, од 10 мај 1989 година, точно во 18 часот по локално време.

- Диме како си?

- Ептен убо..., одговора Диме, со битолски дијалект.

- Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!

- И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните Шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан

Македонија! Мацедониа! Е,ееее Македонија – пееја, тогаш македонските планинари и неколку Шерпаси, точно пред 29 години.

- Овој тонски материјал го чуваме како најголемо богатство. За големиот успех зборуваме секогаш и во секоја прилика, а така ќе биде и викендов, кога планинарите од сите македонски клубови, но и гости од странство ќе учествуваат на традиционалниот планинарски марш организиран во чест на Димитар Илиевски-Мурато, нашиот член кој на денешен ден пред 29 години го освои највисокиот планински врв на светот Монт Еверест, изјави за МИА, Илинка Ристевска, планинар и член на ПСК „Пелистер“-Битола.

Како што е познато на 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“ се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, вечно останувајќи во длабокит снег на Хималаите.

- Македонските планинари и годинава масовно ќе учествуваат на планинарскиот марш кој ќе се одржи в сабота, а ќе почне во утринските часови. Според програмата, една група ќе тргне од „Инфо-центар“ на планината Баба, додека втората група ќе тргне од Големо Езеро. Двете групи планинари ќе се движат до една цел, а тоа е местото „Димев Врв“ кое се наоѓа на неколку метри под врвот Пелистер. Според востановената традиција, на местото „Димев врв“ еден планинар ќе потсети на алпинистичките успеси на Мурато, а група планинари ќе положат цвеќе на спомен бистата на Димитар Илиевски-Мурато што се наоѓа кај планинарскиот дом „Копанки“, потврди Ристевска.

За подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет е прогласен за „Великан на спортот“, а добитник е и на други награди и признанија .

Општина Битола во чест на својот истакнат граѓанин пред неколку години во централното градско подрачје именува улица со името на Димитар Илиевски-Мурато, а на неговата родна куќа е поставена спомен плоча која предизвикува интерес кај посетители и гости на Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 09:28