Централен настан од програмата за Денот на Европа е ЕУ парк, што ќе се одржи во Штип во сабота, 12 мај. Во присуство на амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, претседателот на Владата на Македонија, Зоран Заев и градоначалникот на Штип, Благој Бочаврски, свечено ќе биде отворен ЕУ паркот, а во чии рамки ќе се одржат презентации на сите земји членки на ЕУ, ќе има и низа спортски активности, како и концерт на Градскиот плоштад „Слобода“ насловен „Ѕвездите за ЕУ“.

Кристина Костова советник за информирање во кабинетот на градоначалникот на општина Штип, информира дека на 12 мај во централното градско подрачје ќе има изменет режим на сообраќајот.

- Заради организацијата и спроведувањето на активностите поврзани со оваа прослава, ги известуваме сите наши сограѓани дека на 12.05.2018 г. во периодот од 08:00 часот наутро до 00:00 часот на полноќ, се воведува измена на режим на сообраќај на ул. „Маршал Тито“, односно од спојот со ул. „Јосиф Ковачев“ кај т.н. Влашки мост до мостот кај хотел „Оаза“.На наведената локација целосно се затвора сообраќајот за моторни возила, а ќе се одвива само пешачки сообраќај, рече Костова.

Сите граѓани на Штип, но и од цела Македонија, се поканети да присуствуваат на целодневната централна прослава за Денот на Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 12:52