Во тек е ревизијата на основниот проект за изградба на брана на река Отиња, соопшти денеска градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски.

Тој истакна дека како локална власт очекуваат по ревизијата на проектот и обезбедување на комплетната документација и да почне постапката за изградба на браната, која граѓаните на Штип веќе неколку децении бараат да се реализира.

- Денеска или во наредните неколку дена ќе биде распишана јавна набавка за проектирање на студијата за животна средина, која што исто така е потребна за вадење на градежно одобрение. Кога ќе ги имаме сите овие проектни документации, верувам дека до крајот на годината ќе успееме, доколку се се одвива во најдобар ред. Тогаш ќе можеме да бараме и градежно одобрение од страна на Министерството за транспорт и врски и веднаш да почнеме и да влеземе во фаза на реализација, рече Бочварски.

Штипскиот градоначалник забележува дека браната ќе биде земјено насипна, за што и самите проектантите велат дека ваквиот проект повеќе одговара на теренот.

- Така што ние го слушаме само гласот на експертите и продолжуваме со ревизија на овој проект, рече Бочварски.

Средствата во висина од 10 милиони денари за ревизија на целокупната документација за проектот на браната на река Отиња ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнаство.

Според првичните проценки, земјено насипна брана на реката Отиња ќе чини околу 1,6 милиони евра, но откако ќе заврши комплетната ревизија на проектот точно и ќе се знае колку ќе треба да се инвестира во овој капитален проект. Општина Штип на посебна сметка има еден милион евра од самопридонес на граѓаните, кои со години не се искористени. Доколку градоначалникот сака да ги искористи средствата ќе треба да распише референдум за нивна пренамена за изградба на брана на река Отиња. Штип е единствена општина во регионот, која нема мала вештачка акумулација во своја непосредна близина.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 13:33