Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во партнерство со Институтот за различности од Лондон и дневниот весник „Нова Македонија“ ги додели наградите за најдобрите средношколски медиумски производи добиени на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ на тема „Би сакал/а во мојата општина да ...“
Првата награда ја освоија група ученици од СОУ „Митко Пенџуклиски“ Кратово, втората награда му припадна на Стефан Митиќ од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, додека третата награда ја доби Берат Ахметај од ЕТУЦ „Михајло Пупин“ од Скопје. Беа избрани уште 10 најкреативни медиумски производи, чии автори ќе учествуваат на летниот камп за медиумската писменост што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста ќе го организира во јуни во Штип.
Идејата на конкурсот беше да се поттикне медиумската писменост кај младите, кои на креативен начин ќе покажат дека умеат да ги користат медиумите за да предизвикаат промена во средината во која живеат.
На конкурсот се пријавија 50-тина ученици од цела Македонија. Конкурсот е дел од проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска и информациска писменост“, поддржан од Европската Унија.