Во Мариово денеска и утре по 7-ми пат се одржува аутдор-фестивалот „Mariovo Off Road Experience“ во организација на здружението „Вело Европа“ од Скопје. Велосипедистите од цела Македонија во две трки ќе уживаат во природата на Мариово.
Според Слободан Трајковски, претседател на здружението, Кампот е сместен во манастирот Свети Илија во село Мелница.
- Двете велосипедски тури започнаа во 10 часот денеска. Големата тура е долга 50 км, а малата 30 км. Се посетуваат селата Бешиште, Градешница, Старавина, Зович, Манастир. Вечер ќе има музичка вечер со Јаков Дренковски. Утре ќе има искачување на врвот Висока, а истиот ден и клубот 4х4.мк, со своите теренски возила ќе го посети Мариово, вели Трајковски.
Планинарењето е закажано за утре во девет часот на преминот Висока, над селото Бонче. Ќе се искачува врвот Висока, на Селечка планина. Таму планинарите ќе може да го посетат на врвот археолошкиот локалитет Пелагон и по пат ќе посетат две стари македонски гробници, село Бонче и повторно ќе завршат на врвот Висока.
- Планинарите ќе бидат придружени од археолог од Прилеп, кој што 30-тина години работи на областа и на локалитетот, кој што ќе додаде посебна тежина на планинарењето, пти што дополнително ќе може да ги запознае гостите со историското значење на крајот. Минатата година ја посетивме Мелничката пештера, во близина на селото Мелница. Преку применувањето на тие спортови, сакаме да истакнеме дека и тие спортови можат да се применуваат во Мариово, организирано луѓето можат да ги применуваат тие активности, вели Трајковски.
Оваа година стартниот пакет за овој настан ќе биде донација во вредност од најмалку 300 денари и ќе биде оставен до кутија за донации на влезот во кампот. Собраните средства ќе бидат донирани на семејството за лечење на нашиот пријател и основач на здружението Вело Европа, Ѓоко Коколански, кој што пред 7-8 месеци преживеа мозочен удар.
Само на „Mariovo Off Road Experience“, вкупно за сите шест години до минатата година, фестивалот и областа го имаат посетено 2.400 гости.
- Сега го запознавме Мариово и дознавме дека тоа е една од најатрактивните области во Македонија поради многу работи: освенза развивање на outdoor спортовите и авантуристичкиот туризам, Мариово е богато и со духовност. Тоа го даваат црквите и манастирите кои се наоѓаат во областа, архитектурата, флората и фауната, реките и мислам дека фестивалот и областа ги ставивме на календарот на луѓето кои применуваат outdoor активности. И надвор од фестивалот, една од нашите цели, луѓето ја посетуваат областа и ги применуваат тие спортови. Значи пак ги повикуваме луѓето, не мора само на фестивалот да дојдат и да го видат Мариово, можат и на секој друг викенд , или секој друг ден. И мислиме дека ја постигнуваме целта, објаснува Трајковски.