Раководители и претставници на регулаторните тела за електронски комуникации, оператори и субјекти од областа од државите во регионот учествуваат во работата на годишната Меѓународна конференција што во организација на Агенцијата за електронски комуникации од денеска се одржува во Охрид.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во обраќањето пред учесниците на собирот укажа на придобивките од воведување на 5Г технологијата и потребата од вклучување на сите засегнати страни при креирање на политиките за обезбедување на условите.

Тој потсети дека целиот регион на Западен Балкан покренува координирани иницијативи за поддршка на дигитализацијата, Европската комисија преку механизмот за мултиакциски план е подготвена да придонесе во реализирањето на таа цел, а за првпат гледано историски дигитализацијата е толку високо позиционирана на политичката агенда, од нацонално преку регионално така и на ниво на Европа.

- Дигиталната револуција целосно го менува нашиот живот, таа влијае на врз начинот на кој се одвива бизнисот. Институциите мора да ги следат тие текови. Она што следува е дигиталната трансформација токму на институците, што е најсложената задача, но од мигот кога тоа ќе се прифатат новите околности ќе биде мошне полесно, во крајна линија тоа ќе значи поефикасни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните, рече Манчевски.

Значаен дел од обраќањето тој искористи осврнувајќи се на воведувањето на 5Г мрежата, за која се смета дека ќе го смени начинот на кој ќе функционира општеството, многу повеќе од начинот на кој влијаела појавата на електричната енергија.

- 5Г технологијата не само што ќе обезбеди побрз пренос на податоци, туку ќе донесе нови функционалности и апликации со висока општествена и економска вредност. Од особена важност е да се истакне дека 5Г технологијата може да биде инструмент за трансформација, односно дигитализација на традиционалните индустрии, посочи министерот Манчевски.

Што се однесува на активностите на ресорното Минстерство за информатичка технологија во насока на воведување на новите технологии во областа на телекомуникациите, Манчевски потсети на воведената практика на вклучување на сите засегнати страни во креирање на сите политики и активности, на потребата од тесна соработка помеѓу вертикалните сектори, телеком операторите и ИТ секторот.

Во рамки на Конференцијата ќе се разговара за новите технологии во областа на телекомуникациите, актуелни теми како сајбер-безбедноста, ќе се разменат идеи и добри практики, но можеби најважно присуството на сите чинители од областа да биде искористено за реализација на новите иницијативи за намалување на цените на роаминг-услугите на регионално ниво.

Директорот на АЕК Сашо Димитријоски во изјава за МИА истакна дека позитивниот пример од договорот меѓу Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија кој резултираше со пониски цени на роаминг-услугите, треба да биде продолжен и проширен со останатите држави од регионот.

- И во отсуство на политичка волја ние како регулаторни тела од четирите држави успеавме да се договориме и да ги сведеме на минимум цените на услугите. Некако политиката како да ги презема тие активности, се излегува со популистички идеи, но сметам дека конкретни мерки нема, рече тој.

На престојниот Самит на ЕУ во Софија треба да биде објавена и новата дигитална агенда на ЕК за земјите од Западен Балкан.

- Моментално на високо ниво се преговара со операторите од регионот, за доброволно намалување на цените. Ние како регулатори сме малку скептични по идејата да се оди на преговарање имајќи ја предвид можноста на бизнис-аспектот на операторите. Останува да видиме што предвидува таа дигитална агенда, а ние како регулатори би оделе во втора фаза, да ги убедиме и политичарите дека можеме и знаеме како тоа да го направиме. Не очекувам некои спектакуларни решенија, но за регионот ние можеме и сами да направиме во насока на намалување на цените на услугите што ги нидат операторите, истакна тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2018 11:38