„Не си фраер ако загинеш на матура“ е пораката што секоја година Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја упатува до сите матуранти, како и апелот да не управуваат моторно возило за време на матурските прослави, бидејќи на тој начин го загрозуваат сопствениот живот, но и животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот.

РСБСП упатува апел и до родителите да покажат повисоко ниво на свест и поголема општествена одговорност со тоа што нема да им дозволат на своите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил, ниту да дозволат да бидат возени од друг матурант.

- Со тоа ќе спречат животот, здравјето и иднината на нивните најмили да бидат загрозени и доведени во прашање. Само една грешка и еден момент на невнимание може да биде фатален, а последиците ненадоместливи, велат од РСБСП.

Оттаму нагласуваат дека славењето на матурата е посебно важна за секој матурант, за неговото семејство, за неговите најблиски, но додаваат, посебно загрижува начинот на кој се прославуваат матурските вечери со организирани автомобилски трки по улиците и на патиштата, со управување моторно возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол, со беснеење по улиците, со правење фотографии и постирање „луди Фејсбук статуси“ додека се управува со возило.

- Ова, дефинитивно не е вистинскиот начин да се демонстрира матурата на дело. Сообраќајната статистика и искуствата на сообраќајната полиција од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот, велат од РСБСП и додавата дека одговорноста за оваа појава првенствено е кај младите, но и кај нивните родители.

За да се спречи трендот на зголемено девијантно однесување на младите во сообраќајот, потенцираат од РСБСП, родителите треба да преземат воспитни мерки кон своите деца, односно преку разговор и позитивен личен пример да им укажат на децата за последиците од неодговорното учество во сообраќајот.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека сообраќајните незгоди претставуваат една од водечките причини за смртност кај младите луѓе. Годишно, во светот, околу 400.000 млади луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди или околу 1.100 дневно. Во Македонија лани во сообраќајни незгоди загинале 155 лица од кои 36 на возраст до 24 години, а со повреди се здобиле околу 2.100 млади лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2018 09:26