Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, денеска оствари работна средба со својот колега од грчката општина Пеонија, Христос Гунденудис со кого разговараа за досегашната заедничка соработка, како и можната идна соработка на различни полиња меѓу овие две погранични општини.
Градоначалникот Поцков нагласи дека со колегата Гунденудис разговарале пред се за текот на реализацијата на заедничкиот проект АКВА 2 кој е финансиран со 518.000 евра од европските фондови, со кој општина Гевгелија ќе го регулира коритото на Сува Река.
- Конкретно преку вакви средби даваме пример на добрососедска соработка и ја потврдуваме нашата определба на нашиот пограничен регион да му дадеме значење на „еколошки регион“ истакна Поцков.
Градоначалникот на Пеонија истакна дека со својот колега извршиле размена на искуства и се договориле како да тече натамошната соработка.
- Сакаме да соработуваме не само преку европските фондови, туку и да се вложиме во развојот на секојдневните комуникации на граѓаните од двете општини. Сакаме нашите општини да одат напред, да соработуваме на сите полиња и да придонесеме за подобар живот на нашите граѓани, рече Гунденудис кој изрази и голема благодарност за топлото гостопримство во Гевгелија.