Производителите на органска храна во земјава се жалат дека маркетите им бараат огромна провизија, 4.000 - 5.000 евра, а за штандови треба да платат дополнително. Плус оптоварeни се и од сумата за регистрација на производот што ја налагаат институциите која, исто така, треба да ја подмират.

Од овие причини, велат, засега не им се исплаќа да продаваат дома. Затоа се главно извозно ориентирани. Задоволни се од приходот што го остваруваат надвор, а сертифицирањето не им е проблем, ниту бараниот квалитет и стандард. Дури се подготвени и можат да произведат количество што бара странскиот купувач.

Во однос на продажната цена, нагласуваат, не е многу повисока од онаа на конвенционалните. Побарувачката е солидна, дури и голема, зависно од типот на производот. Но, иако свеста за здрав живот полека се менува и расте, сепак, поголемиот дел од потрошувачите се уште се скептични околу тоа што и дали е органско.

Трговците потврдуваат дека провизијата е висока, а проблемот со продажбата на домашни органски производи го лоцираат во дистрибуцијата. Провизијата, како што објаснуваат, важи за сите производи, од гуми за џвакање и чоколади, до сапуни. Отстапки може да се направат за органските производи, но досега такво нешто од нив не побарал никој.

- Не сме маалска продавница, а комерцијалните услови ги диктираат светските трендови, вели претставник на еден од големите трговски маркети во Скопје.

Дополнува дека земјоделците - производители на органска храна не можат паралелно да бидат и продавачи и комерцијалисти.

Став на производителите

- Мојот прозвод не го продавам во Македонија зашто условите не се баш најдобри. Маркетите бараат влезна провизија од 4.000 - 5.000 евра, за штандови,..., поради што не може да се добие добра цена. Од Агенцијата за храна бараат да се регистрира производот, што исто така се плаќа, а сите знаеме колку е тешко да се произведе органско. Повеќе сум извозоно ориентирана, главно на швајцарскиот пазар. Сега таргет ми се Австрија и Германија, вели Розита Трендафиловска од Куманово, веќе пет години производител на гоџи бери.

Поседува и „органски“ сертификат.

- Приход има. Уште сум во подем, количини немам големи, но не е проблем да се произведат зашто побарувачка има. Јас сум подготвена да одговорам зашто преработката чини пари. Ако немате каде да продадете, која е поената да инвестирате, додава Трендафиловска.

Според Милица Петрушевска, производител на органски градинарски култури, она што ја кочи целата е работа се маржите на трговците, дистрибутерите и продавачите.

- Тоа е голем проблем. Профитот се исцедува на друго место, не завршува кај земјоделецот за да се усовршува процесот на производство. Сепак, можам да кажам дека за она што ние го пласираме, цената е разумна. Лани годината беше тешка и затоа тргнавме со производи кои би имале додадена вредност, а тоа значи спакувани, за од нас да бидат директно достапни до потрошувачот. Така очекуваме да се зголеми и обртот и профитот. Едно е рокулата да ја спакувате и од неа за килограм да добиете 300 - 500 денари, а друго да ја продавате како рефус за 110, 120 или 150 денари, објаснува Петрушевска.

Производството на органски градинарски култури, дополнува, е покомплицирано зашто брзо се расипуваат, а треба да се свежи на тезга.

- Ние тоа почнуваме да го правиме, да пакуваме свежи градинарски производи. Побарувачката е добра и во принцип, голема, но постои скепса кон тоа што е органско. Затоа решивме нашите пакувани производи да одат со знак од нашата фирма, потоа и со органскиот знак, како и со информација за сертификатот, а цените се различни, истакнува Петрушевска.

Воедно порачува дека додадената вредност е она што земјоделците треба да го земат во свои раце, наместо да дозволат да оди кај пакувачите и продавачите.

Сточарот Митко Јанков од велешкото село Ораовец, производител на органско јагнешко месо и сирење, напоменува дека во Македонија разлика меѓу органското и конвенционалното нема.

- Купувам поскапа храна за 30 отсто, а цената на јагнето е иста. Не се прави разлика дали е органско или не. За сирењето сум задоволен иако цената е иста со „обичното“, 250 - 300 денари. Немаме доволно ниту за нашиот пазар, а не па за извоз, вели Јанков.

Негова оценка е дека интерес за сточарско производство има, но субвенциите се мали за разлика од оние во соседството. - Србија дава 61 евро по грло овца, а кај нас е срамота да се спомнат 15-те евра. Да не зборувам за европските држави каде субвенциите се 100 евра по овца. Да се стимулира да, ама и да се избегнат манипулациите - од 900.000 овци до 400.000, 500.000 се манипулација, некој зема субвенција, а тие овци ги нема, не постојат, потенцира сточарот.

За Сузана Димитриевска од село Мустафино, најбитно е малите фармери да ги постигнат стандардите за органско производство.

- Најтешкиот дел е да произведете 80 отсто прва класа органски производ. Инвестициите се поголем проблем, другото е решливо зашто компаниите се заинтересирани за откуп на нашите производи, со акцент на вкусот на македонските органски прозводи. Сертификати имаме, но некогаш, за некоја држава е потребен дополнителен сертификат, посочува Димитриевска.

Трговците расположени да им излезат во пресрет на производителите

Маркетите не се против продажбата на органски производи. Прават и сопствени истражувања, што покажале дека тенденцијата на домашните потрошувачи е се поголема.

- Главен проблем со кој се соочуваме е селектирање добавувачи кои би ги задоволиле барањата на маркетот во смисла на тип поризводи, количина,... Едно е што производителите можат да произведат, а друго што можат да понудат. Во целиот процес фали еден сегмент - дистрибуцијата. Потребно е да има земјоделски задруги кои ќе располагаат со листа на органски производители и кои ќе се грижат за продажбата. Еден правен субјект да пристапи за соработка со нас, трговците, велат претставници на маркетите.

Според нив, колку повеќе производителите инвестираат, толку повеќе ќе биде зголемена продажбата на нивниот производ.

Органското производство меѓу приоритетите на владините земјоделски политики

Поддршката за органското земјоделство последниве години е континуирана. Државата ја препознава потребата, но и значењето на овој тип производство.

Oваа година субвенциите за примарното органско производство од 61 милион денари се зголемени на 81 милиона. Поддршката зависно од културата е до 100 отсто повисока од онаа за конвенционалните производи. Зголемени се и субвенциите за развојните категории земјоделски стопанства, од 20 проценти за растително и 10 отсто за сточарско производство кое ги опфаќа и органските производители. Оваа поддршка, нагласуваат од ресорното Министерство, во периодот што следува ќе расте.

Од Програмата за земјоделство и рурален развој 2018 година се одвоени 11 милиони евра, средства кои (ќе) се инвестираат во хидромелиоративни системи со што и директно, но и индиректно се создаваат подобри услови за органските производители.

- Македонија има многу поволни агроеколошки услови за развој на органското земјоделство. Потрошувачите, пак, стануваат се посвесни за разликите и придобивките што ги носи органското производство, наспроти конвенционалното. Имајќи го тоа на ум, треба да се прашаме во каква насока ќе се движиме во однос на развојот на органското производство. Нашата заложба не е само декларативна. Активно ги следиме трендовите и работиме да бидеме во чекор со времето, вели министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Тој најавува дека кон крајот на овој или почетокот на идниот месец првпат ќе биде објавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште за органско производство.

Првпат ќе биде објавен и оглас за доделување државно земјоделско земјиште за производство на органска сточна храна, а ќе биде распишан и нов оглас за неповратни 70 милиони денари поддршка за млади фармери при што предност ќе имаат оние што се занимаваат со органско производство.

Според Николовски, почнува и мапирањето на „органските региони“, а во финална фаза е и регистарот на органски оператори кој ќе обезбеди точни податоци за сите производители од аспект на сертификација, вид култури, локација на производство и планирани количини со што евентуалната манипулација на потрошувачите би била сведена на минимум и тие точно би знаеле од кого и што купуваат.

Се подготвува и новиот национален план за органско производство во чии рамки треба да влезат сите развојни мерки и реформски активности за зголемување на површините.

Паралелно, во соработка со Министерството за здравство се работи на т.н. органско мени за Детската клиника кое во подоцнежна фаза треба да ги опфати и градинките и основните школи.

Државната поддршка да стигне во вистински раце

Производителите ја поздравуваат финансиската поддршка од државата, сметаат дека ќе им помогне за поголема достапност на нивните производи, но очекуваат да стигне во вистински раце за наменски, како што велат, да се искористи.

- Покрај ваков тип поддршка, финансиска, бараме да ни се помогне и во зголемување на асортиманот, да се подобри промоцијата на органската храна пред потрошувачите, како и да се воспостави соработка со трговските ланци кои органската храна треба да ја направат подостапна за купувачите, велат производителите.

Кластер за органска храна и мобилна апликација

На веб страницата на ОПМ има посебен линк „Органски свет“ кој отвора посебна страница само за органска храна. Тука може да се прочита што е органска храна, како да се препознае, но и каде да се најде (купи).

„Органски свет“ води и до мобилната апликација „Органски пат“ која може бесплатно да се симне од Гугл плеј стор. „Органски пат“ овозможува лесно и брзо пребарување информации за тоа каде најблиску може да се купи или консумира органска храна (ресторани, продавници, сместувачки или туристички објекти кои нудат органска храна), како и опција за контактирање на производителите и планирање нивна посета, директно на терен.

Во фаза на регистрација е и Кластерот за органска храна кој веќе функционира. Формиран е годинава и во него членуваат земјделски задруги, граѓански здруженија, производители, сертификациски тела, добавувачи на срдства за заштита - сите чинители во дејноста органско производство.

- Целта е унапредување на соработката меѓу фармерите, бизнис секторот, трговците, преработувачите, на целиот вредносен синџир кој треба да учествува во креирањето политки, мерки за поддршка, пристап до информации, размена на искуства, воведување нови технологии. Тоа е всушност и се она што недостасува во моментов, вели Габриела Мицевска од Програмата за зголемување на пазарната вработливост финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка со чија поддршка е формиран Кластерот.

Деновиве се одржа и првиот состанок на потсекторската група за органско земјоделство во Министерството за земјоделство.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2018 13:30