Гевгелија, 17 мај 2018 (МИА)

Камбаните од црквата на зајдисонце во Гевгелија го означија почетокот на одбележувањето на заштитникот на Гевгелија - Спасовден. Црквата, како што тоа го правела години наназад, под својот покрив ќе ги собере верниците кои ќе преспијат тука, кој за здравје, кој за среќа, кој за бериќет. Наместо курбанот, кој се давал порано, пред да заспијат ќе каснат од убавото црквено гравче. Оние другите, со своите деца, ќе ги обиколуваат до доцна во ноќта поставените тезги со разни дребулии, ќе купуваат потребни и непотребни ситници. Децата ќе се возат на рингишпилите, држејќи во раката стапче со слатка шеќерна виолетова волна, која ќе им се лепи на обравчињата, додека повозрасните ќе седнат во импровизираните кафеани на отворено, да каснат од скарата и да се напијат од пивото.

Таква е сликата на сите панаѓури ноќта спроти празникот на Христовото вознесение – Спасовден.

Празникот на Христовото вознесение - Спасовден се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да го испрати при учениците духот на вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак го подзема носејќи го на небото.

Христово Вознесение е и патронен празник на градот Гевгелија. Повод за преземање на христијанскиот празник свети Спас за патрон на Гевгелија е токму и називот на најстарата црква, воедно и манастир во Гевгелија – „Свети Спас„.

Црквата„Вознесение Христово“ била една од најстарите цркви во градот, лоцирана во југоисточниот дел на Гевгелија, која во својата прва фаза била замислена како манастирска црква, посветена на „Христовото вознесение“. На нејзиното место, според одделни кажувања, пред многу векови постоела стара црквичка – параклис, која со тек на времето била обновувана и оформувана до денешниот изглед.

Првите податоци за нејзино подигање, од поново време, се среќаваат во 1803 година. Таа била мала црквичка со димензија 18 на 15 метри, градена во византиски стил како квадратна базилика, вкопана два метра во земјата. Ваквата конструкција на црквата се должела на забраната од власта која не дозволувана христијанските храмови да бидат повисоки од џамиите. Самата црква можно е да била обновена во 1842 година, како што подоцна поради војните била обновувана уште два-три пати. Во својата примарна состојба (1803 год.) црквата била поставена на вакавско место на кое биле засадени разгранети маслинови дрвја, како и други дрвенасти растенија.

Верниците верувале дека црквата има чудотворна моќ да исцелува од разни болести, затоа на вечерта спроти патронот на црквата луѓе од блиски и далечни населби доаѓале да преспијат во црквата.

Црквата „Свети Спас„ одиграла голема улога за ширењето на словенскиот јазик преку богослужбата. За тоа ни сведочи фактот што долго време на таванот на црквата стоеле книги и икони пишувани на словенски јазик. За тоа еве што запишал А.Тошев во својот опис на Гевгелија:„ Еден од калуѓерите, кој знае да пее само на грчки јазик, ни покажа во еден затурен агол на црквата икони од 1767 година со словенски натписи и рече дека на таванот имало скриени словенски книги, но владиката строго заповедал никој да не ги фаќа.„

На манастирскиот празник Свети Вознесение Христово – Спасовден во Гевгелија се одржувал голем традиционален панаѓур, кој траел два дена. Тогаш доаѓале многу гости од околните села и поблиските градови, за чие сместување во минатото црковната управа изградиле неколку анови. Во текот на 50-тите и 60-тите години на 19-от век, гевгеличани отворено воделе антипатријаршиска и антифанариотска борба, што особено ја разгорувале и ширеле Хаџи Павел Граматиков Бохигропски, Партениј Зографски и кукушките преродбенски учители Кузман Шапкарев и Венјамин Мачуковски.

Во црквата се сочувани две стари икони од 1767 година и тоа Вознесение Христово и Исус Христос Содржител. Овие две икони најверојатно биле на иконостасот како престолни на црквата од 18-от век. Икони од 19-от век и понови се наоѓаат во наосот на црквата и олтарниот простор. Иконостасот во црквата е од понов датум со престолни и празнични икони. Во октомври и ноември 2002 година иконостасот е обновен со нови декорации и премази кои трајно го заштитуваат.

Покрај овој зафат, протајереј Миле Штрбевски ги извади од депоата на црквата запуштените 59 икони од постарите векови и ги презентира во галерија на икони во наосот на манастирската црква. Денес внатрешноста на храмот има сосема друг изглед и секој посетител на храмот со восхит ги разгледува старите икони и обновениот иконостас. Западно од црквата е изграден конак на кат во 1992 година со средства на црквата, а конакот има трпезарија со кујна, парохиски канцеларии, библиотека, сала за состаноци, простории за дневен престој и слично.

На старите гробишта е погребан Војводата Леонид Јанков, од село Мачуково, легендарен по песната Трба Трби Гевгелиско. За големината и значењето што го има овој манастир говори фактот дека истиот во минатото бил посетуван од голем број митрополити и архимандрити од Цариградската Патријаршија.

Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.

Во Гевгелиско пак, се верувало дека свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.

Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове, коња кове за полето, да си иде ју полето, да си види берикето, арен ли е, добар ли е, или си е како што е? Море мале, стара мале, есеното са класуе, пролетното са никнуе. Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!

Илија Манолов



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2018 13:33