Имаат желба и енергија цело време да се на сцена и да покажат што умеат, а знаат и дека тоа не зависи само од нивната мотивираност. Четворица од 11 студенти по актерска игра, кои оваа година дипломираат на Факултетот за драмски уметности во класата на проф. Зоја Бузалковска и доц. Александар Степанулески, ни ги кажаа своите планови и очекувањата: „Да не седиме дома“ е првиот и во овдешните околности логичен одговор на прашањето каде се гледаат како актери, а потоа дури следуваат преференциите – дали во театар или на филм, во професионален или независен театар, во држаава или надвор од границите...
- Услови за работа има, се создаваат, но најголемиот проблем е чекањето. Осумдесет проценти од нашава професија е чекање – дали на сет, дали на проба. Се чека и за вработување. Се чека шанса, се чека некој да те викне..., рече дипломецот Зоран Митровиќ по една од пробите на дипломската претстава „Голем студ“ на Малата сцена во Македонскиот народен театар.
Христина Цветаноска, која повеќе ја привлекува алтернативната сцена и себеси се гледа во независен театар, оптимистички вели дека може да најдат простор тие што сакаат да работат.
- Ние сме мотивирани, но ќе биде проблем ако нашата мотивација нешто да работиме остане волонтерска, смета таа.
Нивната колешка Душица Тренева со конкретно решение за вработувањето: „Поголем проблем се луѓето што не работат ништо, а земаат плата отколку младите луѓе кои се агилни и сакаат да работат. Сакаат цел ден да бидат на сцена, а едноставно немаат можност. Мислам дека тие што не работат или се пред пензија треба да заминат во пензија за да ни дадат шанса на нас младите“.
Театар или филм? - тројцата во еден глас предност му даваат на театарот зашто е неповторлив како уметност на мигот. Нивниот колега Чедомир Митевски, сепак, ги сака подеднакво зашто двете уметности, рече, си имаат свои енергии. Го избрал актерството бидејќи најмногу се нашол таму.
- Уште од мал го сакав ова, сакав многу да имитирам, цели филмови. Тука се чувствував слободен и можев да правам многу работи, раскажува тој.
Се согласија меѓу себе дека треба да направат нешто тука пред да размислуваат за меѓународна кариера.
– Понатаму можеби и надвор, но прво во нашиот двор. Почвата е благородна за независни проекти и ако се има желба, слобода и ентузијазам, може доста да се направи, заклучи Митровиќ.
Покрај нив, во класата по актерска игра на ФДУ што завршуваат оваа година се уште седум идни професионални актери: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Душица Настова, Јаков Спасов и Петар Стојанов. Повеќето имаат претходно искуство на сцена и пред публика зашто од трета година студентите по актерска игра веќе почнуваат да соработуваат на претстави и филмови надвор од ФДУ. До крајот на втората година немаат право да работат надвор од задачите што ги имаат на факултетот, освен со посебна дозвола од професорите.
Колку матичниот факултет им помага да се пробијат на сцена? Нивната професорка, театарската режисерка Зоја Бузалковска, вели дека ФДУ не презема обврска да посредува студентите по актерска игра или дипломираните актери да добијат некој ангажман на проект или во театар. Меѓутоа, со редовното играње на испитните претстави на Академската сцена на ФДУ, која активно работи веќе многу години со своја редовна програма, со презентација на студентските претстави и филмови на сцени и во киносали надвор од ФДУ, како и со нивното учество на домашни и меѓународни фестивали и обмислени гостувања, институцијата, според неа, помага театарските и филмските креативци и продуценти полесно да можат да ги видат можностите на студентите по актерска игра и новодипломираните актери и да ги ангажираат во своите наредни проекти.
Дипломската претстава „Голем студ“, која оваа генерација ја подготви за крајот на четиригодишното образование, премиерно беше изведена на Малата сцена на МНТ на 26-ти и 27-ми март, во пресрет и на самиот Светски ден на театарот, а повторно двапати ја изведоа и изминатава недела. Ја играа претставата во две постави што, на некој начин, беа и две различни изведби.
Материјалот за работа на дипломската претстава го избира професорот. Во седмиот и во осмиот семестар од студиите по актерска игра, професорот избира драмски текст соодветен на индивидуалните и групните можности на класата и ги распределува улогите. Со оваа класа студенти, вели професорката Бузалковска, го работеле Чехов, и тоа по два спротивставени метода, работеле монолози од античката трагедија, потоа Шекспир, како и руската авангарда, поточно Введенскиј.
- Мислев дека сега им треба сосема поинаков материјал, во кој приказната ќе се раскажува во брз ритам, филмски, со резови, а секој од нив ќе има подеднаков простор за градење комплексна улога низ реалистичен приод. „Голем студ“ е тежок материјал, но студентите со радост ја прифатија задачата и комплетно му се посветија на процесот, а мислам дека нивните можности сега јасно ги гледаат и театарските и филмските професионалци, вели Бузалковска.
„Голем студ“ - претстава за реконструкција на надежта
„Голем студ“ (работена по сценариото на американскиот филм „The Big Chill“ од 1983 година на Лоренс Каздан и Барбара Бенедек) е голем предизвик и тешка актерска задача за младите актери, зашто низ реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, треба да раскажат сложена драмска приказна.
МНТ ја најави како претстава за реконструкција на надежта која загатнува проблеми на секоја генерација, важни во секое општество во кое се случуваат драматични општествени превирања: „Повеќе од тоа, дилемите ги надминуваат општествените прашања и задираат во најинтимното човечко, важно секогаш и секаде. Во момент кога животот со сета своја комплексност ќе нè натера да се прашаме до каде сме останале доследни на своите борби, заложби, верувања и големи планови, а каде сме се изневериле себеси и своите идеали, останува да ги преиспитаме своите постапки и да се обидеме да ја реконструираме надежта дека нашите животи ќе ги поставиме на вистинските основи и дека за тоа не е премногу доцна“.
Единаесеттемина учесници во „Голем студ“ претставата ја подготвуваа од почетокот на седмиот семестар, односно околу шест месеци. Тоа е комотно време за работа, што, за жал, вели Бузалковска, театрите обично не го овозможуваат, а кое е многупати потребно за процесот да биде квалитетен и да се направи солидна претстава.
- Освен тоа, наспроти формално зададените три сета од по четири учебни часа и еден од два неделно, ние во четвртата година од студиите, па и претходно, со нашите студенти работиме многу повеќе и подолго. Особено кога се работи на целовечерна претстава, пробите се шестпати неделно и се најмалку по четири часа, а често и многу подолго, посочува професорката Бузалковска, која на ФДУ ја наследи класата од покојниот проф. Кирил Ристоски.
Таа го објаснува подготвителниот процес: во седмиот семестар студентите ја поминуваат првата фаза од подготовката на дипломската претстава, делот наречен „работа на текст“ или „читачки проби“, а испитот се состои во проценка на резултатот од последната читачка проба пред излегувањето на мизансцен. Во осмиот семестар се преминува на мизансценски проби. Завршната фаза на склопувањето на претставата, генералните проби и премиерната изведба по правило се прават во професионална куќа, што подразбира и професионална опременост на претставата со сите елементи (костими, шминка, сценографија, осветлување, музика).
- Целта на сето ова е да му се овозможи на студентот на најпрактичен начин да го помине процесот на работа на театарската претстава, доаѓајќи во допир со сите сегменти и соработувајќи со комплетниот креативно-технички тим кој работи на една театарска продукција. Преку демонстрација на професионална театарска трупа со режисер, студентот е подготвен за професионален ангажман во театарската уметност. Истовремено, со дипломската претстава се прави презентација на новите дипломци пред пошироката театарска јавност. Таков беше, делумно, и случајот со „Голем студ“, благодарение на соработката со МНТ и разбирањето за нашите потреби и педагошки цели, додава Бузалковска.
Актерството е начин на живот и бара безусловна преданост
Тешко е, според неа, да се најде едноставен одговор на прашањето што е најважно да знаат студентите по актерска игра, зашто материјалот што го поминуваат е обемен, сложен и, честопати, навидум неопиплив. Во текот на студиите, вели, им даваат многу „алатки“ со кои ќе можат највешто да го работат она за кое учат. Но, најважно е, рече, да сфатат дека актерството е повеќе од работа, повеќе од професија: „Тоа е начин на живот“, децидна е таа.
- Со актерство не може да се занимава некој на кого било што во животот му е поважно од тоа. Театарот ти е и мајка и татко, и прва љубов, и сопруг или сопруга, и дете и најдобар другар. Тој ќе те роди и ќе те изгледа, во него ќе се заљубиш и ќе го засакаш, од него ќе ги имаш најпрекрасните рожби, кои ќе ги сакаш повеќе од било што на светот, ќе го растеш и созреваш и ќе му се радуваш до крајот на животот. Тој ќе те сака безусловно, но и ти нему мораш да му се предадеш докрај и безусловно. Ако не се спремни да го прифатат тоа и да му се дадат на театарот и на актерството комплетно, до даска, тогаш нема да успеат. Мојата основна цел на приемните испити е да го препознаам жарот во очите на кандидатите, страста која ја имаат или ја немаат за занимавање со актерство. Ако го нема тоа, тогаш залуден е целиот талент и исполнителност, зашто тоа не е доволно за да се биде актер, нагласува Бузалковска.
На студентите честопати, вели, им повторува една реченица која ја кажувал професорот Кирил Ристоски, од кого многу научила за педагогијата и чија класа ја наследи:
- Овој врвен педагог и актер, на своите студенти честопати знаеше да им рече: „Неостварениот актер станува лош човек“. Сите други му се криви што тој не успеал, само, никогаш не се врти кон самиот себеси, за да сфати дека проблемот може да биде и токму во него. На студентите честопати им велам дека не смеат да дозволат да станат лоши луѓе. И заради себе, и заради театарот, вели професорката-режисер.
Студиите по актерска игра се четиригодишни, а еден професор води своја класа од почетокот до крајот на студиите. На секои четири, една година оваа студиска програма е во мирување. Класа по актерска игра нема во годините кога се уписите за филмските оддели: филмска режија, филмска и ТВ-монтажа и филмско и ТВ снимање. Еднаш во четири години ФДУ запишува три класи на оваа катедра, односно покрај на македонски, овозможува и студирање актерска игра на албански и на турски јазик.
- Квотата е до 10 студенти во една класа. До пред неколку години беше забележан мал пад во интересирањето за студиите, но во последниве пет години бројката повторно порасна и таков е трендот и денес. Претпоставувам дека тоа доста се должи и на сè поголемата афирмација преку учествата на меѓународни фестивали, многуте награди за студентски филмови и претстави, постојаниот репертоар на Академската сцена и севкупната поголема отвореност на ФДУ за потенцијалните кандидати преку Отворените денови што ги организира нашиот факултет секоја година, курсевите и работилниците за подготовка на кандидатите за приемните испити и, се разбира, понепосредното доаѓање до информации. Поради сето ова, и квалитетот на наставата е денес полесно видлив и проверлив и кандидатите добро знаат што можат да очекуваат ако се запишат на овие студии, заклучува Бузалковска.
Хатка Смаиловиќ
Фото: Дарко Попов, Ивана Батев