Рекреативниот натпревар „Могли“ во кој деца се качуваат по скала и јаже на дрво, е само една од многуте атракции во најновото издание на фестивалот кој петта година се одржува кај Демиркаписката клисура.
Викендов крај железната порта повторно се сретнаа млади и стари од земјава и странство, кои се дел од мистеризоната, магична и несекојдневна авантура.
- Овогодишниот меѓународен фестивал повторно ја има истата идеја од претходно. Најважно е луѓе од различни вери, нации и раси да се дружат меѓу себе. Овие луѓе не ги спојува политиката, туку љубовта кон спортот, рекреацијата, чистата и здрава животна средина. Тие дојдоа да уживаат во огромните природни богатства на живописната околина со која Бог ја дарувал Демир Капија, изјави за МИА Русинот Александар Кленов, меѓународно познат алпинист, кој од пред неколку години одбра да живее токму овде и изгради куќа со поглед на Вардар и клисурата.
За време на натпреварот кој е во тек, тој ја има улогата на обезбедувач на сигурноста на децата и член на комисијата за избор на најдобрите, кои ќе добијат и признанија. Се натпреваруваат над сто деца.
Кленов нагласува дека на децата им посветуваат огромно внимание, бидејќи тие уште од најмала возраст се учат да ја сакаат природата, но и да ги градат своите карактери со негување на позитивните особини како трудољубивост, издржливост, решителност. Додава дека овие возбудливи доживувања, со кои се крева адреналинот кај нив, ќе им останат во сеќавање како прекрасни спомени.
Фестивалот кој вклучува повеќе активности, меѓу кои и алпинизам, кајакарење, параглајдерство и слично, е во организација на спортскиот клуб „Клисура“ и општина Демир Капија.