Од левата страна на Велес, на ридот Рамина, каде е лоцирана градската црква „Св.Спас“ и гробиштата, се издига населбата Рамина, населена главно со ромско население.
Многу пати е посетувана од новинарите и многу пати е пишувано за неа, особено пред десетина година кога теренот се лизгаше и ѕидовите пукаа, потоа и цели куќи паѓаа, а жителите мораа да се селат, во бараки или изнајмени станови во новиот дел од градот.
За Рамина се пишуваше и кога се градеше првиот потпорен ѕид, а по неколку години и вториот, со кој теренот конечно се стабилизира и куќите во населбата престанаа да паѓаат, а раселените се вратија во своите домови, ги обновија старите куќи или на нивно место изградија нови. Пред неколку години пишувавме и кога локалната власт ги бетонира некои од улиците во населбата.
Овој пат не пишуваме за потпорни ѕидови и за улици, туку ќе го опишеме животот на најмладите, на децата - Ромчиња од оваа населба. Нивното детство е во целосна сиромаштија, без вода и струја, без најосновните услови за живот. Но, најжално од се’ е тоа што нивните родители најголем дел од нив во потрага по најосновна егзистенција, не можат да им ги овозможат на своите деца да одат на училиште и редовно да ги носат на вакцинација.
Животот на децата Роми од велешка Рамина е многу тежок, но, сепак, кога ќе ги сретнете, имаат широка насмевка и сјај во очињата. Тие мали дечиња, со долги бушави коси и испарталени искинати алишта, со патики или гумени влечки, ќе ве изненадат колку искрено од своите мали срца знаат да се радуваат на мали нешта, а на кои одамна подзаборавиле да се радуваат нивните врсници, долу во убавите куќи во градот.
Нека оваа сторија биде поттик за размислување на возрасните и пред се’ од надлежните институции, кои можат да направат нивното детство да биде посреќно и поубаво, со искра надеж за нивна посветла иднина на родните огништа.
Годишно вакцинирање на децата на самиот терен
По бројните покани за вакцинирање упатена до родителите и нивното нејавување во амбулантата на Здраствен дом, медицинска екипа на Службата за имунизација на ЈЗУ Здраствен дом од Велес еден убав сончев ден се упати кон населбата Рамина, да ги вакцинира невакцинираните деца.
Оваа вакцинација на терен континуирано веќе десетина години ја изведува д-р Пандели Божиков, специјалист по училишна медицина, заедно со неговите колешки, медицински сестри Билјана, Кети и Гордана.
Возачот на возилото на Брзата помош ја вклучува сирената и така ја најавува екипата на терен. Прво две мали Ромчиња, љубопитно приоѓаат да видат што се случува, а медицинските сестри им појаснуваат и им читаат список за да ги викнат на вакцинирање. Тие радосно потрчуваат по куќите, а кај пунктот на отворено, кај медицинската екипа пристигнуваат и некои млади жени - мајки со деца и постари баби, кои се распрашуваат. Медицинските сестри и д-р Божиков со многу внимание кон сите им појаснуваат дека треба да ги донесат децата на вакцина за да ги заштитат своите деца од многу болести.
Се собираат на пунктот за вакцинација на отворено, а д-р Божиков ги прегледува, па потоа медицинските сестри им ја пуштаат вакцината. Тие мали деца без ни еден плач и солзи храбро ја примаат вакцината и продолжуваат да си играат во прегратките на мајките и бабите или самите потрчуваат по стрмната улица високо во ридот и продолжуваат со игрите.
Медицинските сестри им делат флаери за вакцинација, а тие толку многу им се радуваат на подарокот и се гледа среќа во нивните мали очи, кои љубопитно разгледуваат.
Ги прашувам што сакаат да имаат, а тие кажуваат за играчка, за кукла, топка или лулашки, за мали обични нешто што е одлика на секое дете.
Возрасните немаат средства за школување на децата
Младата 31-годишна Киберија, жителка на велешка Рамина, има две ќерки. Едната оди во Посебното училиште во Велес, а другата поради недостиг од пари одела само во прво одделение, додека годинава ја отпишале од второ одделение и од училиште. Жената е невработена, а на сопругот единствена работа му е собирање пластични шишиња на Градската депонија. Се жали дека во куќата во која живеат немаат ни вода, ни струја, и дека така, најмизерно, живеат поголемиот дел од ромските семејства во Рамина, на кои главна егзистенција им е собирање пластични шишиња по ѓубриштата, во контејнерите низ градот и на Градската депонија. Таа од надлежните бара да им помогнат околу вработувањето и да им помогнат на децата да имаат средства за школување.
Се жали дека освен во градот и во населбата Рамина треба да се собираат и вакцинираат кучињата, повеќе од стотина, кои се опасност за возрасните, а посебно за децата. Вели дека дворовите им се полни со крлежи и дека често им се закачуваат на децата и им го загрозуваат здравјето и апелира до надлежните итно да им помогнат за да ги заштитат пред се децата.
Жителите на велешка Рамина воедно бараат и почеста посета на здраствените екипи и на ветеринарните и други стручни лица од Центарот за социјална работа. Пред се, бараат да им се овозможат услови за школување на нивните деца и да им се обезбеди подобра и сигурна работа на возрасните, а со што тие ќе можат да им овозможат попристојно детство на своите деца.
Антоанела Димитриевска